Авантуристичкиот туризам е еден од најбрзо растечките сектори во туристичката индустрија и гледан од аспект на економските перспективи што ги нуди за давателите на услугите, операторите и дестинациите, тој преставува одлична можност за економски напредок, па како таков станува предмет на деловен интерес не само на субјекти кои се дел од туристичката индустрија, туку и на интересенти за добри и сигурни деловни инвестиции.
Секако и за Македонија, авантуристичкиот туризам, посебно активностите кои се изведуваат на планина, заради планинскиот карактер на земјата, преставуваат одлична можност за туристички развој и генерирање економски прогрес.
Меѓутоа активностите во авантуристичкиот туризам содржат одреден степен на ризик кој не смее да се игнорира, па затоа туристичките оператори и сите кои што се вклучени во креирањето и обезбедувањето на туристичката услуга треба да превземат соодветни мерки за соодветно управување со ризиците. Игнорирање на фактот дека ризиците се реалност во авантуристичкиот туризам, или пак непознавање на природата на ризиците во авантуристичкиот туризам, како и несоодветна едукација за risk management политиките или непревземање на соодветни мерки за справување, може да има сериозни последици врз безбедноста на учесниците во туристичката активност и врз квалитетот на туристичкиот производ. Неминовни се и последиците врз имиџот на дестинацијата, како и правните и економските последици за давателите на услугите кои не примениле соодветни процедури предвидени со добрите практики, при што кога станува збор за туристи од Европската Унија треба да се имаат во предвид одредбите од EU Travel Package Directive документот.
Систематски приод кон менаџирањето со ризиците и почитување на докажаните стандарди за работа се неопходни за успешно менаџирање со безбедноста и креирање квалитетни и конкурентни туристички производи. Современите стандарди во авантуристичкиот туризам подразбираат квалитетно менаџирање на ризиците – безбедноста при туристичките операции и овој аспект на туристичкиот производ несомнено има важна улога во компетентноста и конкурентноста на производот, но и на дестинацијата. Неодржливи се производи кои во својата структура немаат темелен risk management пристап, а последиците од некомплетните, во оваа смисла туристички производи, или пак последиците од инциденти настанати заради несоодветни постапки за управување со ризици, се долгорочни и ја афектираат целата туристичка дестинација. Секако кога станува збор за безбедност на туристичката дестинација, постојат голем број фактори кои влијаат врз безбедноста, а не се во надлежност или моќ за решавање ниту на туристичкиот деловен сектор ниту на институциите кои го регулираат туризмот.
Затоа на безбедносниот концепт на производите во авантуристичкиот туризам треба да се гледа како на неопходна квалитативна компонента со исклучително важна импликација врз одржливоста на производот.
Секоја активност во природа, на отворено, со себе носи одредени степени на ризик. Заради карактерот на активностите во авантуристичкиот туризам и опкружувањето во кое што тие се одвиваат, ризиците не можат да се елиминираат, но можат значително да се редуцираат или да се минимизираат нивните последици, со превземање соодветни превентивни мерки и лимитирање на активностите кои носат многу висок степен на ризик, кој излегува од вообичаениот стандард за соодветниот туристички производ.
Најважната постапка, која што воедно преставува и почетокот на правилен приод кон успешно менаџирање со безбедноста и ризиците во авантуристичкиот туризам е креирање систем за менаџирање со безбедноста и ризиците (safety management system SMS). Обврска на туристичките оператори и на секој давател на услуга (не само во туризмот) е да креираат ефикасен систем за менаџирање со безбедноста и истиот постојано да се надградува според реалните потреби на работењето и секако стандардите што ги наметнува пазарот во авантуристичкиот туризам. Персоналот на агенциите, посебно водичите, треба да бидат запознати со системот за менаџирање со ризиците и да бидат обучени за спроведување на истиот.
Дизајнот на системите за менаџирање со безбедноста во авантуристичкиот туризам во голема мера зависи од карактерот на активноста, односно специфичниот облик на туристичката активност, но во суштина секој систем треба да ги опфати на следниве пет сегменти:
- Проценка на ризиците – Има за цел систематска анализа на можните ризици и причините за нивно настанување.
- Креирање систем на работни процедури – Процедури кои се примарно насочени кон превенција и минимизирање на ризиците.
- План за вондредни ситуации (contingency plan) – Планот треба да преставува збир на конкретни упатства за активности што се превземаат во случај на несреќа или вондредна ситуација, односно секогаш кога постои девијација на вообичаената програма или процедури.
- Известување за инциденти – Образец за водење евиденција за секој настанат инцидент.
- Анализа – Анализа на инцидентите или вондредните ситуации е неопходно да се врши после секоја ситуација/инцидент. Периодични анализи треба да се прават на сите сегменти од системот за менаџирање, со цел нивна евалуација и надградба.
Основната цел на секој план за менаџирање со безбедноста и ризикот е тој (ризикот) да биде ставен во некаков контекст. Што значи тоа?
Ставање на ризикот во одреден контекст значи да се дефинираат постапки за правилна процена и анализа на можните ризици и да се креира реално спроведлив систем на процедури за делување во вондредни ситуации. Основно правило е дека ризикот мора да биде ставен во некаков контекст кој има за цел негово подобро менаџирање. Игнорирањето на ризиците е најлошата опција за еден водич или туроператор во авантуристичкиот туризам.