Guides

АВАНТУРИСТИЧКИОТ ТУРИЗАМ ВО МАКЕДОНИЈА – НА КРСТОПАТ КОН ГРАДЕЊЕ ПОДОБРА ТУРИСТИЧКА ДЕСТИНАЦИЈА (ВТОР ДЕЛ)

OUR BLOG

Авантуристичкиот туризам и останатите туристички форми

Масовен туризам

Голема е разликата помеѓу авантуристичкиот и масовниот туризам. Најчесто се користи „дефиницијата“ дека се што не е масовен туризам е авантуристички туризам, што секако не ги отсликува карактеристиките ниту на авантуристичкиот ниту на масовниот туризам.

Масовниот туризам почива на „економија на обем“ (economy of scale) која се состои од репликација на стандардизирани производи во што е можно поголем обем и минимизирање на трошоците. Масовниот туризам вклучува многу малку културна имерзија, едукација или локални искуства во дестинацијата. Најчесто за овој тип туризам се користи поимот „три С“ – сонце, песок и море (Англ. Three S – sun, send and sea). Од друга страна масовниот туризам се дефинира и преку бројките на туристи што ја посетуваат дестинацијата кои во одредени региони – дестинации, како на пример Медитеранската обала тие изнесуваат 230 милиони годишно (UNWTO Global report on adventure tourism).

Одржлив туризам (Sustainable Tourism)

Одржливиот туризам посветува целосно внимание на актуелната и идна економска, социјална и просторна (на животната средина) одржливост. Суштина на оваа туристичка активност е поставување рамнотежа помеѓу потребите на туристите, локалните заедници, индустријата и животната средина.

Конзервациски туризам (Conservation Tourism)

Конзервацискиот туризам е комерцијална туристичка активност која има за цел да оствари нето позитивна контрибуција за континуирано преживување на загрозените растителни или животински видови (Ralf Buckley, International Centre for Ecotourism Research, 2011). Целите на конзервацискиот туризам се постигнување импакт, влијание (врз локалните заедници, институциите и туристите) и обезбедување финансиски средства од туристичките активности за спроведување на конзервациските активности.

Одговорен туризам (Responsible Tourism)

Мотото на одговорниот туризам е  да создаде подобри места за животот на луѓето и подобри места за туристичка посета. Одговорниот туризам не се однесува само на дестинации со примарно природно опкружување, туку секаде каде што се промовира и секако прифаќа концептот за подобрување на дестинацискиот простор независно од степенот на економскиот развој или природните вредности.

Основните постулати на одговорниот туризам се содржани во Декларацијата од Кејп Таун од 2002 година.

Туризам насочен кон бенефит на сиромашните луѓе (Pro-Poor Tourism)

Основната цел на овој вид туризам е да се обезбедат бенефити за сиромашните луѓе преку различни активности и форми со кои се обезбедува директен бенефит за сиромашните заедници.

Туризам на локалните заедници (Community Based Tourism)

Оваа туристичка форма примарно се фокусира на интеракцијата помеѓу посетителите и домаќините во дестинацијата, водејќи сметка за мотивите за учење и нови искуства на посетителите, како и на неопходноста за обезбедување економски и животно просторни бенефити за локалните заедници.

Волонтерски туризам (Volunteer Tourism)

Ова е во поново време утврдена форма на туризам при која што волонтери, индивидуално или во групи, одат на работен одмор волонтирајќи во добротворни цели. Најчесто се среќава во сиромашните земји и земјите во развој.

Една од формите на волонтерски туризам е SAVE Tourism (Scientific, Academic, Volunteer, Education).

Екотуризам (Ecotourism)

Екотуризмот преставува патување во природни области заради запознавање и разбирање на локалната култура и животна средина, водејќи грижа за зачувување на интегритетот на екосистемот и секако обезбедување економски бенефити за дестинацијата и создавање нови економски можности со кои би се стимулирала конзервацијата на природните вредности. Ова е најчесто погрешно употребуван термин во туризмот, посебно кога се сака да се потенцираат активности кои подразбираат авантуристички туризам.

Гео Туризам (Geo Tourism)

Овој вид туризам е насочен кон одржување или потикнување на географските карактеристики на одредена дестинација, како што се опкружувањето, културата, естетските вредности, наследството и има за цел создавање услови за благосостојба на локалните заедници.

Треба да се напомене дека сите горе наведени туристички форми меѓусебно се преклопуваат и за ниту една од нив не постои ексклузивен опфат на одредена активност или содржина. Поделбата на различни туристички форми повеќе се однесува на перцептивните преференции на конзументите и е насочена кон задоволување на нивните мотиви за патување и животни стилови.

Синџирот на добавувачи во авантуристичкиот туризам

Синџир на добавувачи во туризмот е систем на луѓе, производи, активности и материјали од кои се добива туристичкиот производ и со помош на кои се дистрибуира до потрошувачите. Синџирот на добавувачи во туризмот подлежи на истите економски закономерности како и кај секоја производствена или трговска дејност, при што високиот волумен и реплицираното производство влијае врз снижување на трошоците, односно намалување на единечната цена на секој од елементите во синџирот, со тоа што синџирот на добавувачи во туризмот е многу комплексен и бара специјализирано знаење и посебно дизајнирани операции. Поврзувањето помеѓу чинителите во синџирот во авантуристичкиот туризам е на многу длабоко ниво заради специјализираноста на операциите, потребните знаења и опрема. Заради специфичниот карактер на авантуристичките активности најголемиот дел од „синџирот“ почива врз локалните заедници кое што е главната причина за големиот бенефит што го носи авантуристичкиот туризам за дестинацијата.

Вообичаено во туризмот каналот за дистрибуција на производот од производство до крајниот купувач минува низ неколку фази:

Кај овој модел на добавувачки синџир клучен елемент е врската помеѓу дојдовниот туроператор или давателот на локални услуги (хотел, водичи, превозник) со странскиот оператор. Таа врска се остварува на неколку начини: на саеми, деловни посети на појдовните оператори, ФАМ тури или преку интернет. Интернетот е главната причина за процесот на дисинтермедијација и скратување на синџирот на добавувачи и многу често директна комуникација помеѓу добавувачот и клиентот. Тоа создава сосема нови услови за промоција и продажба на производите со правила на функционирање кои се во постојано менување. Следење на овие процеси има големо значење за настап на пазарот, иако тоа само по себе не влијае врз конечната реализација на производот, но секако ги зголемува пазарните можности.

Во помалку развиените дестинации овој модел на дистрибуција (синџир на добавувачи) е најчесто присутен заради помалиот број на достапни информации во дестинацијата, но и заради потребата од чувство за сигурност (феномен на изгубен домаќин). Затоа и патувањата во помалку познатите дестинации се организираат преку оператори со кои клиентите имаат претходни позитивни искуства.

Во развиените туристички дестинации каналот за дистрибуција најчесто е скратен со дисинтермедијацијата заради новите технологии и тој се состои од две етапи:

Шема на дисинтермедијација во развиените авантуристички дестинации

За да се подобри атмосферата во дестинацијата, посебно во делот на соработката помеѓу различните чинители во синџирот на вредностите, а и заради опфаќање на што е можно поголем пазарен сегмент, потребно е да се создаде квалитетна ценовна политика со дефинирани стимулативни маржи соодветни за секое ниво од синџирот. Доколку хотелот или ресторанот ги нудат производите по иста цена за сите чинители (дојдовен оператор, странски – појдовен оператор, директно на клиентите) се губи деловниот интерес за продажба на конкретната услуга од страна на посредниците (туроператорите), а со тоа се намалува и дистрибутивната мрежа, односно дистрибутивниот капацитет за услугата. Продажба преку повластени цени е вообичаена, дури и неминовна практика во деловното работење, посебно кога станува збор за синџир на добавувачи.

При анализа на синџирот на вредности во авантуристичкиот туризам, треба да се разликуваат два аспекти на набљудување на системот:

  1. Синџирот на вредности од аспект на претприемништво.
  2. Синџирот на вредности од аспект на добавувачите.

 

Синџирот на вредности гледан од аспект на претприемништвото е главниот придвижувач на туристичкиот бизнис и влијае врз структурата, квалитетот и цената на туристичкиот производ. Овој аспект накратко изгледа на следниов начин:

Синџирот на вредности од аспект на добавувачите го сочинуваат сите елементи кои ја формираат сатисфакцијата кај купувачот – степенот на комфор при сместувањето, квалитет и вкус на храната, ниво на опременост или квалитет на опремата за авантурисгтичките активности, експертизата на локалните даватели на услуги и сл.

Новите технологии (интернет) овозможија огромен пораст на индуцираната директна продажба затоашто благодарение на пристапот до фотографии, информации, прегледи и мислења од корисниците за дестинацијата, туристите имаат многу поголема самодоверба сами да го организираат своето патување.

Што се однесува до инспирацијата за патување во авантуристичкиот туризам, на прво место е промоцијата „од уста на уста“, најчесто препораки од пријатели или членови на семејството, а на второ место е интернетот. Одредени анализи на UNWTO покажуваат дека 58% од туристите го започнуваат своето истражување за следното патување преку интернет истражување, што ја истакнува важноста на SEO (search engine optimization) во промотивните стратегии на дестинациите и давателите на сулуги.

42% од туристите во авантуристичкиот туризам ги користат мобилните телефони за истражување на интернет, а речиси 25% од резервациите се вршат преку мобилен телефон. Ова ја потенцира важноста од прилагодување на сите промотивни и информациски инструменти кон мобилните телефони.

Во рамките на проектните актиности за ставање во функција на патеки за планински рекреативен туризам во неколку региони во Македонија, како и за потребите на некои транснационални патеки изработени се мобилн апликации за презентација на патеките за хајкинг и планински велосипедизам како и местата од туристички интерес, со можност истите да се користат и за навигација.

Важен податок во врска со перцепцијата на синџирот на добавувачи од страна на туристите е приоритизацијата на локалните добавувачи и подршката и промоцијата на локалните бизниси и одржливост на дестинацијата. Доколку овие елементи се доволно јасно потенцирани во туристичките производи, тоа ја зголемува нивната атрактивност на пазарот, посебно во перспективните пазарни сегменти каде што може да се изгради лојална клиентела.

Во Македонија постојат огромен број локални производи кои се создадени на традиционален начин или преку едноставен (нетехнолошки) процес на производство во чисто природно опкружување. Конзумирање на овие производи директно кај производителите или по принципот „од фарма на трпеза“ ќе им даде значителна екслузивна вредност на производите (конзумирање Галичко сирење или традиционална храна на колиба, малешевски компир во селско домаќинство, дегустација на мед во пчеларник, учество во работилница за дрвени сувенири, производи од филц, подготовка на зимница и сл).

Конзумирање на производите по принципот од „фарма на трпеза“ преставува додадена вредност на производот и можност за негова ексклузивност

Бенефитите од авантуристичкиот туризам за локалните економи и локалните заедници

Туризмот е економска активност базирана на луѓе која се развива преку социјална и економска интеракција. Затоа туризмот има огромен импакт врз локалните заедници.

Туристите за време на престојот во дестинациата заради задоволување на своите основни потреби, како и интересите и мотивите за патувањето, користат одредни услуги во дестинацијата за кои што плаќаат. Ова е најденоставниот модел на „влезот на пари“ во дестинацијата со туристичкото присуство. Кај одржливите форми на туризам нето финансискиот приход треба да обезбеди зачувување и унапредување на вредностите во животната средина, да ги зачува културните вредности на заедницата и да го подобри нивниот живот и да овозможи економски развој.

За да се обезбеди континуиран развој на дестинацијата потребно е постојано надградување на локалните човечки капацитети и нивните вештини. Од една страна приходите што се создаваат во туризмот овозможуваат подршка и развој на локалните заедници, а од друга страна развиените локални заедници овозможуваат поголем туристички развоен капацитет.

Вклучување на локалните добавувачи во директна интеракција со туристите ја зголемува атрактивноста на производите и преставува дополнителен финансиски приход за добавувачите, а воедно тоа овозможува и нивна подобра инклузивност, што е од важност за креирање позитивна перцепција за туризмот и можните бенефити. Крајниот и многу важен ефект е зголемување на дестинациските капацитети за сервисирање на авантуристички производи во дестинацијата и одржливост на процесите.

Светската туристичка организација од секогаш ја препознавала важноста на туризмот како можност за развој на локалната економија и локалните заедници и веројатно тоа е еден од ретките сектори кој нуди можности за развој на заедницата со инсистирање на зачувување на традиционалните вредности и идентитетот на заедницата. Веќе извесно време UNWTO спроведува проекти за градење капацитети за развој на туризмот како механизам за подршка на локалната економија, именувани како ST – EP иницијативи (Sustainable Tourism – Eliminating Poverty) насочени исклучиво кон локалните заедници.

Во туристичките процеси во дестинацијата постојат две функционално поврзани целини, тоа се придивижувачите на туризмот – претприемачите и носителите на туризмот – локалното население. Локалното население треба да ги чувствува економските, културните и социјалните бенефити од туризмот како најважен мотив за нивно вклучување во процесите.

За да се потенцира важноста на одговорноста на туризмот кон локалните заедници и животната средина, Генералното собрание на Светската туристичка организација во 1999 година го усвои Глобалниот етички кодекс за туризам (Global Code of Ethics for Tourism – GCET) како основна референтна рамка за промоција и развој на одговорен и одржлив туризам. Глобалниот етички кодекс за туризам (GCET) е сеопфатен пакет принципи дизајниран да ги води клучните играчи во развојот на туризмот. Документот е адресиран до владите, туристичката индустрија, локалните заедници и туристите, и има за цел да помогне во максимизирање на придобивките на секторот, истовремено минимизирајќи го неговото потенцијално негативно влијание врз животната средина, културното наследство и општествата низ целиот свет. Иако не е законски обврзувачки, кодексот преставува еден вид доброволен механизам за имплементација на позитивни практикти и следење принципи за етички туризам преку признавање на улогата на Светскиот комитет за етика во туризмот (WCTE), на кој засегнатите страни можат да му ги пренесат забелешките во врска со примената и толкувањето на документот.

Создавање овозможувачко опкружување за авантуристичкиот туризам

Како и секој деловен сектор и туризмот функционира интегрирано во економското, социјалното, културното, еколошко и географско опкружување и општите состојби во опкружувањето имаат влијание врз туризмот.

За да се сфати подобро значењето на опкружувањето за развојот на туризмот треба да се земат во предвид неколку факти:

  1. Само преку приуството на туристи се потврдуваат туристичките активности во дестинацијата.
  2. Природните потенцијали и сите атрактивно мотивациски фактори сами по себе без присуство на туристи, не преставуваат туризам.
  3. За креирање функционални туристички производи потребно е задоволување на одредени предуслови за нивно создавање, промовирање, продажба и сервисирање на туристите што ќе дојдат во дестинацијата.
  4. Сите чинители од синџирот на добавувачи – синџирот на вредности имаат потреба од одредени предуслови (овозможувачко и стимулирачко опкружување) за да можат да ја остварат својата улога во синџирот.
  5. Централната и локалната власт се главните носители за создавање овозможувачки поволни услови.

За да се обезбеди ефективен развој на туристичката дестинација неопходно е синхронизирано поврзување на сите чинители во синџирот на вредности со почитување на социјалните вредности и етички норми (т.н. „социјална лиценца“), почитување и одржување легитимитет на активностите, примарно преку инклузивен начин на планирање и одлучување, зачувување на кредибилитетот на планирачките процеси преку транспарентност и конзистентно информирање и формирана доверба помеѓу засегнатите страни во процесите.

Основни столбови врз кои што треба да почива ефективниот развој на дестинацијата.

Авантуристичкиот туризам во Македонија нема долга историја или традиција и адекватно на тоа се наоѓа на низок степен на развој. За да се фати чекор со светските трендови и стандардите присутни во секторот, неопходен е интензивен развој и адекватно вклучување на сите чинители од синџирот на вредности во процесите за создавање стимулативно деловно опкружување за авантуристичкиот туризам. Заради расчекорот со светските критериуми од една страна, но и заради навистина големиот потенцијал за развој на дејноста, потребно е препознавање на авантуристичкиот туризам како приоритетен економски сектор кој треба да се развива преку посебно дефинирани институционални форми на државно и локално ниво, со мандат за делување и императив за спроведување на политиките и мерките.

Стимулирачкото опкружување за авантуристичкиот туризам подразбира создавање услови примарно за „водење бизнис“ за давателите на услуги (чинители во синџирот на услуги) во туризмот, но и олеснување на пристапот до знаења, пристап до информации за финансирање, дефинирање на регулатива и поставување стандардизација во насока на создавање квалитет и продуктивно вмрежување на чинителите.

Туристите во авантуристичкиот туризам се помалку зависни од „тешка инфраструктура“ како аеродроми или автопати, но се многу сензитивни на квалитетот на услугите од водичите, квалитетот на туристичката сигнализација, квалитетот на супраструктурата за авантуристичките активности (хајкинг патеки, патеки за велосипедизам, тематски паркови). Земајќи во предвид дека  авантуристичките инфраструктурни содржини не бараат големи инвестирања, барем не во номинална смисла, но со висока cost/benefit вредност, создавањето на овие предуслови е остварливо и за мали економии и деловни субјекти со помал финансиски капацитет.

Во реалните услови кои се присутни во Македонија, овие инвестиции иако мали го надминуваат капацитетот на локалните самоуправи, но постојат многу модели за решавање на овој важен предуслов преку користење средства од фондови кои се наменети за развој на туризмот (првенствено меѓународни, но и домашни) или преку јавно приватно партнерство.

Особена важност за креирање стимулирачко опкружување за авантуристичкиот туризам е да се има во предвид дека за развој на истиот неопходни се три категории ресури: природни вредности, човечки потенцијал и финансии. Соодветно вреднување на секоја категорија е првиот предуслов за создавање одржливо деловно опкружување за развој на оваа дејност.

Накратко кажано институциите на државно и локално ниво треба да создадат услови за работа на претприемачите кои во стимулирачкото деловно опкружување ќе создаваат иновативни производи.