Guides

АВАНТУРИСТИЧКИ ТУРИЗАМ БЕЗ ЕКСПЕРИМЕНТИ: ЗОШТО СТАНДАРДИТЕ НЕ СЕ ПРАШАЊЕ НА ВКУС

OUR BLOG

Во дестинација како Македонија, која со децении се обидува да изгради препознатливо и кредибилно место на меѓународната мапа на авантуристичкиот туризам, експериментирањето со стандарди не е луксуз што можеме да си го дозволиме. Напротив – тоа е директен ризик по иднината на секторот.

Авантуристичкиот туризам не трпи импровизации, ад-хок решенија и квази-модели. Тој почива на јасно дефинирани и меѓународно докажани стандарди, кои мора доследно да се применуваат во сите негови клучни сегменти, а особено во три суштински области:
  1. Стандарди за обука и работа на стручните лица
Луѓето – добро обучените и професионални луѓе – се носечкиот столб на авантуристичкиот туризам. Тие се истовремено двигатели, иноватори и носители на туристичките процеси. Од нивната компетентност, етика и сериозен пристап директно зависат и реалноста, и иднината на туризмот. Доколку системот на обука и работа на стручните лица се темели на погрешна основа, на несоодветни или ирелевантни стандарди, и доколку се мешаат поими како туризам, спорт, рекреација, екологија и активизам без јасна разграниченост, последиците се неминовни. Наместо да градиме конкурентни туристички производи со јасна пазарна логика, ќе создадеме хаотичен простор на квазивредности, во кој сопствените потенцијали ќе ги девалвираме – и како дестинација, и како општество.
Македонија има ретка предност: природни вредности и предуслови што многу земји би ги посакале. Но тие не се доволни сами по себе. Без јасен систем на квалитет, без почит кон знаењето и професионализмот, ризикуваме да изградиме имиџ на дестинација која не умее да препознае што е вредност, а што антивредност; што е корисно, а што долгорочно штетно за туризмот. Во услови на длабоко еродирани општествени вредности во изминатата деценија, изградбата на систем на квалитет во туризмот е сериозен предизвик. Туризмот, во својата суштина, е микрокосмос на општеството. Но токму затоа не треба да „откриваме топла вода“. Решението е едноставно: примена на докажани меѓународни добри практики. Како јасен пример, вреди да се потенцира UIMLA стандардот за професионални планински водичи, кој од 2005 година се имплементира во Македонија – без државна финансиска поддршка, но со континуирана посветеност. Од 2018 година, земјата е полноправна членка на UIMLA, како прва од Западен Балкан. Овој процес не е само национален успех, туку и свесна инвестиција во регионална соработка, затоа што само преку регионален пристап може да се изгради релевантна позиција на меѓународниот пазар, каде што критериумите се строги, а грешките скапо се плаќаат.

Ова е особено важно ако се има предвид дека Македонија е сиромашна земја, со недоволно развиен туризам и учество на туризмот во БДП значително под светскиот просек. Во такви услови, неспособноста – или одбивањето – да се направи разлика помеѓу меѓународно признат квалитет и квазиквалитет претставува реална дестинациска закана.

Кога зборуваме за стандарди за стручните човечки ресурси, безбедноста во планинскиот и авантуристичкиот туризам е прашање што не трпи компромис. Во оваа област, импровизациите не значат само нарушен имиџ на дестинацијата, туку носат реални правни и финансиски последици – како за давателите на услугите, така и за управувачите со дестинацискиот простор и институциите одговорни за безбедноста на туристите.

Безбедноста не е додаток на туристичкиот производ, туку негова структурна основа, која започнува од квалитетната обука на стручните лица и завршува со функционален систем на планинско спасување, усогласен со меѓународни стандарди. Секое отстапување од тие стандарди создава системска ранливост со потенцијално сериозни последици.

Во таа насока, Македонија уште во 2016 година, преку здружението Асклепиј, стана членка на ICAR – Меѓународната комисија за планинско спасување. Денес, тоа членство е во рамки на Националниот сојуз за планинско спасување, кој ги обединува релевантните субјекти обврзани да работат согласно строгите ICAR стандарди.

И покрај ова, како систем и како општество, сè уште сериозно заостануваме во доследното препознавање и примена на квалитетот и вистинските вредности во оваа критична област. Во услови на меѓународен пазар кој не простува системски пропусти, ваквиот пристап не е само неодговорен – тој е и стратешки штетен за иднината на авантуристичкиот туризам.

  1. Стандарди за туристичката инфраструктура
Туристичката инфраструктура, особено во авантуристичкиот туризам, не смее да биде прашање на лично убедување, политикантско лобирање или краткорочен интерес. Таа постои за туристите – за посетителите на дестинацијата. Авантуристичките туристи не се наивни, ниту неискусни патници. Тоа се луѓе со изградено патувачко искуство и јасни критериуми за квалитет. Илузијата дека на вакви пазари може да се „продаде бижутерија како злато“ е не само погрешна, туку и опасна. Планинските патеки, на пример, не се декоративен елемент, ниту хоби-проект. Тие се основна туристичка инфраструктура – крвотокот на планинскиот туризам. Токму затоа, нивното планирање, поставување и управување не смее да биде предмет на импровизација и некомпетентност, без оглед на формалниот статус што некој го добил во одреден политички контекст.
Одржливоста на оваа инфраструктура не може вечно да почива на донаторски средства. Таа мора да биде дел од функционален туристички систем, кој создава вредност и приходи, и кој се развива според признати стандарди, доверени на докажани и меѓународно релевантни субјекти. Паралелата со патната инфраструктура е очигледна: или ќе градиме според стандарди, или ќе градиме за сопствено задоволство – но второто никогаш нема да ги задоволи потребите на туристите. 
  1. Стандарди за промоција и пазарен настап
Промоцијата на авантуристичкиот туризам, особено на меѓународните пазари, мора да биде усогласена со реалниот квалитет на производите. Домашниот пазар има важна улога во амортизирање на сезоналноста, но меѓународниот пазар не простува несоодветност меѓу ветеното и испорачаното. Без јасна стратегија и без стандарди, промоцијата станува празна реторика – а тоа е најкраткиот пат до губење на кредибилитет.
Наместо заклучок: изборот е наш

Крајното прашање е едноставно, но суштинско:
Дали сакаме квалитетот и докажаните стандарди да нè водат напред, или од страв од нив ќе изградиме систем што систематски го уништува квалитетот?

Дали ќе создаваме долгорочна иднина за целата дестинација, или ќе негуваме илузија на развој со краток рок и тесен круг на добитници?

АВАНТУРИСТИЧКИОТ ТУРИЗАМ НЕ БАРА КОМПРОМИС СО ВРЕДНОСТИТЕ. ТОЈ БАРА ЈАСНОСТ, ХРАБРОСТ И ПОЧИТ КОН ЗНАЕЊЕТО.

А тоа, на крајот, е избор – не случајност.