Дел прв
Пред Ковид пандемијата, туризмот беше еден од најбрзо растечките сектори во светот, а внатре во секторот авантуристичкиот туризам е најбрзо растечка категорија. Се поголем е бројот на земји кои му даваат примарно значење на авантуристичкиот туризам како можност за економски развој заради економските, еколошките и културните бенефити што ги носи за земјата.
Македонија е претежно планинска земја (75% од територијата е планински терен) со поволни природни, климатски и рељефни предуслови за развој на авануристичкиот туризам. Во земјава има голем број региони кои поседуваат сериозен приорден и културен потенцијал за создавање квалитетни производи во различни форми на авантуристичкиот туризам кои можат да обезбедат значаен економски ефект и во среднорочен период да бидат генератори на развојот за регионот.
Дефиниција
Во литературата издадена во рамки на Светската туристичка организација (UNWTO) не постои прецизна дефиниција за тоа што е авантуристичкиот туризам. Од друга страна Асоцијацијата за авантуристички туризам (Adventure travel trade association ATTA) го дефинира авантуристичкиот туризам како патување кое што вклучува најмалку две од следните три компоненти:
– Физичка активност
– Природно опкружување
– Културна размена
И покрај тоа што дефиницијата препорачува две од горе наведените компоненти, најголемиот дел од патувањата во авантуристичкиот туризам, посебно тие што имаат за цел да постигнат комплетно авантуристичко искуство за клиентите, ги содржат сите три компоненти.
Како пример за авантуристичко патување или производ во Македонија може да се направи осврт на еден обичен hiking ден во некоја планина. Доколку во текот на едно патување или уште подобро, во текот на еден ден, ги вклучиме следните активности, тогаш можеме да зборуваме за авантуристички производ. Тие се (земени само како пример):
– Hiking до врвот Голем Кораб (физичка активност и природно опкружување);
– Посета на фарма – бачило во непосредното опкружување на патеката, линијата на движење (локални искуства и имерзија во традиционалниот живот на локалните заедници);
– Посета на Манастирот Свети Јован Крстител – Бигорски Манастир (културно – духовна имерзија).
Можности за комбинирани активности што ги вклучуваат сите три компоненти, во Македонија има многу. Голем дел од содржините се одликуваат со уникатност и партиципираат во производите со атрактивност и компетитивност. Според природниот портенцијал (јадро на дестинацијата и производите), културното и природното наследство (природни периферни елементи) во Македонија има можности за креирање компетентни (целосни, комплетни) туристички производи, со голема атрактивност и посебност. Меѓутоа тоа само по себе не значи и готов производ, туку почетна основа за создавање на производи.
Еластичен сектор
Авантуристичкиот туризам е многу еластичен и прилично отпорен на големи економски, здравствени, политички или друг тип на кризи. Впрочем и Ковид пандемијата покажа дека внатре со сегментите на туристичката индустрија, падовите во авантуристичкиот сектор се помали одошто во другите сегменти (масовен, културен туризам…). Дури и земји каде што се случувале политички немири или природни непогоди за кратко време стануваат атрактивни дестинации за авантуристички туризам. Тоа е поврзано со природата на самиот авантуристички туризам и психолошката структура на патувањата и секако со профилот и навиките на оваа категорија туристи.
Производи со повисока вредност
Авантуристичките туристи препознаваат и се подготвени да платат повисока вредност за возбудливи и автентични доживувања. Просечна цена за осумдневен „пакет“ во авантуристичкиот туризам изнесува 3.000 американски долари вклучувајќи ги и трошоците за транспорт, најчесто авионски. Мора да се има во предвид дека ова е цена за производи во дестинации со изградена репутација кои се продаваат на пазари со повисок стандард на живот. Погрешно е да се толкува горе посочената цена како водилка за ценовна политика во нашата земја, која како и кај секоја економска активност треба да се спроведува согласно трошоците надградени со реално пресметана маржа. Податокот е изнесен само да ја илустрира разликата во економската тежина на авантуристичките производи во однос на тие во масовниот или класичниот културен туризам. Цената на производите зависи од должината на патувањето, нивото на „луксуз“, вклучените активности, репутацијата на дестинацијата и секако цената на авионскиот билет или воопшто трошоците за транспорт.
Подршка на локалната економија
Директните приходи што се остваруваат во туризмот се пресметуваат откако од цената на производот („пакетот“) ќе се одбијат расходите за даноци, профит и плати што се исплаќаат надвор од границите на дестинацијата и откако ќе се одбијат трошоците за потребните набавки надвор од дестинацијата. Сите овие трошоци кои завршуваат надвор од туристичката дестинација се нарекуваат „истекување“ (leakage).
Според податоците на Програмата за животна средина на обединетите нации (United Nations Environment Programme – UNEP) околу 80% од износот (парите) во масовниот туризам завршуваат надвор од дестинацијата (авиобилети, хотелски корпорации, меѓународни туристички оператори или трговци на големо – wholesalers). Според UNEP, од секои 100 американски долари во масовниот туризам само 5 долари остануваат во дестинацијата, кога станува збор за земји во развој.
Според истражувањето на асоцијацијата за авантуристички туризам (АТТА) спроведено во 2014 година, операторите за авантуристички туризам пријавиле дека 65,6% од вкупните трошоци на авантуристичкиот пакет остануваат во дестинацијата.
Потикнување на одржливост на животната средина
Креаторите на политики и донесувачите на одлуки во авантуристичкиот туризам (во земјите со развиен туризам и стабилни системи) цврсто се придржуваат до практиките за одржливост на животната средина од едноставна причина затоашто е наполно јасно дека без квалитетна животна средина и смислени, автентични културни искуства, дестинацијата ќе ја загуби атрактивноста и компетитивната позиција.
Видови авантуристички туризам
Постојат две основни категории на авантуристички активности, hard adventure и soft adventure и постои интензивна дебата околу критериумите и конечната класификација. Асоцијацијата за авантуристички туризам (АТТА) во 2013 година издаде публикација во која изнесе преглед и објаснување за „софт“ и „хард“ авантуристичките активности и до денес тој документ се користи како еден вид референтен извор. Во суштина, гледано од аспект на самиот туристички процес воопшто не е важно дали една активност припаѓа во „софт“ или “хард“ активности, посебно заради фактот дека постои често преклопување на одредени содржини внатре во секоја активност кои што на производот во целина му даваат различен карактер од табеларно поставениот со класификацијата на АТТА.
Кои се туристите во авантуристичкиот туризам? Едноставно кажано тоа се туристи што ги поместуваат своите граници на социјален, културен или географски комфорт. Овие граници се премногу индивидуални и затоа не може да се користат објективни или „математички прецизни“ критериуми за дефинирање на активноста, посебно заради тоа што станува збор за активности каде што најважниот краен ефект е искуството, доживувањето.
Многу поважно е да се анализира профилот на клиенти или потрошувачи од аспект на „софт“ или „хард“ активностите. Покрај овие две категории на клиенти – туристи, во авантуристичкиот туризам постои и категорија на „авантуристички ентузијасти“ кои се многу пасионирани за активноста што ја практикуваат и речиси секое патување е поврзано со нивната пасија, истражувајќи нови дестинации со преференција кон далечни, помалку истражени или помалку афирмирани дестинации на пазарот. Ова за нашата земја, посебно за Малешевијата е од големо значење, со тоа што треба да се има во предвид дека „неистраженоста“ или „неафирмираноста“ на дестинацијата не е единствен критериум за донесување одлука или атрактивност на производот. Потребно е да се задоволат сите критериуми за да се добие комплетен туристички производ, впрочем како и во секоја друга производствена или услужна дејност.
Авантуристичките ентузијасти се одлучуваат за подолги патувања, во просек нивните патувања се за еден до два дена подолги од останатите пакети во авантуристичкиот туризам и тие инвестираат многу пари во опремата која треба да ги задоволи нивните високо специјализирани потреби.
Од друга страна оваа категорија туристи трошат помалку пари во дестинацијата бидејќи се потпираат главно на сопствените вештини и избегнуваат комерцијални услуги, пред се заради природата на доживувањата кои ги преферираат. Авантуристичките ентузијасти опфаќаат многу мал сегмент од пазарот и во деловна смисла немаат значење за туристичката економија, но често пати тие се промотори во јавноста, социјалните медиуми и стручните здруженија на новите дестинации.
Туризам кој почива на луѓе и на природните вредности
Во развиените дестинации за авантуристички туризам постои недвосмислен консензус и кај јавниот и кај приватниот сектор дека авантуристичкиот туризам е директно поврзан со природниот и човечкиот капитал. Заштитата и промоцијата на овие два суштински дела на авантуристичкиот туризам секогаш е највисок приоритет на управувачките тела во дестинацијата.
Во последните две децении рапидно расте бројот на земји кои инвестираат во развојот на авантуристичкиот туризам, независно дали станува збор за економски силни земји или за земји во развој. Искуствата покажуваат дека авантуристичкиот туризам обезбедува висок економски бенефит во дестинацијата (повисока цена на „пакетите“ и 65,6% од парите остануваат во дестинацијата), а од друга страна овозможува заштита на природата, културните вредности и унапредување на локалните заедници. Развојот на авантуристичкиот туризам не е директно поврзан со екстензивни инвестиции во инфраструктура и покрај тоа што обезбедува многу брз економски развој и отворање нови работни места за локалната заедница.
Доколку се направи паралела со моменталната состојба во Малешевијата, за развој на авантуристичкиот туризам доволни се инвестиции во туристичка супраструктура која не бара огромни средства (содржини за активности во природа – патеки, паркови, уредени локации, приказни места…), како и зголемување на капацитетите во приватното сместување и исхраната во домашни услови, што е најдобар начин за длабока и рамномерна дистрибуција на бенефитите во локалната заедница.
Профил на туристите во авантуристичкиот туризам
Според истражувањето спроведено од асоцијацијата за авантуристички туризам (АТТА, 2014) помеѓу туроператорите што работат авантуристички туризам 53% од клиентите во авантуристичкиот туризам се жени, а 47% се мажи. Според образованието, 37% од клиентите имаат високо образование и просечни годишни приходи од 46.800 американски долари.
Истражување на АТТА од 2017 година покажува дека просечната возраст на клиентите во авантуристичкиот туризам изнесува 47 години, при што 40% од клиентите се на возраст од 50 до 70 години.
Мал дел од туристите во авантуристичкиот туризам патуваат сами, 21% патуваат со пријателите, 37% патуваат со партнерот и 30% со семејството вклучувајќи ги и децата.
Според рангирањето на атрактивно мотивациските фактори за патување, кај туристите во авантуристичкиот туризам на прво место се природните убавини на дестинацијата, потоа квалитетот на активностите, можностите за нови искуства и лична трансформација, климата.
Наспроти нив, кај туристите во неавантуристичките активности на прво место е можноста за патување со пријателите и семејството, на второ место се природните убавини и на трето место е климата.
Вториот момент (квалитетот на активностите) е особено важен, како една од одредниците во дефинирањето на насоките за развој. Квалитетни содржини како стандардизирани хајкинг патеки, вело патеки, тематски паркови каде што се потенцираат вредностите на дестинацијата, авантуристички паркови, едукативни содржини, имерзија во животот на локалните заедници и сл. се важна компонента при донесувањето одлука за патување. Стручна, осмислена и доследно спроведена стратегија за развивање на туристичките содржини има значителна улога при одредувањето на развојот на дестинацијата. Во Македонија досега се реализирани неколку стручно испланирани и системски спроведени активности за уредување на планински патеки како логичен дел од туристичкиот производ што може и треба да се развива во некоја туристичка дестинација. Само Центарот за планински развој досега има уредено повеќе од 1000 километри патеки за хајкинг и планински велосипедизам кои се маркирани и опремени со сигнализација и информативен материјал според највисоки стандарди, а за промоција и олеснето користење на истите изработени се мапи, гајд бук – книги водичи и мобилни апликации. Идејата е со начинот на приод и применетите стандарди да се постави еден вид модел за делување што би се применувал не само на територијата на целата земја, туку и во регионот.
Според мотивот за вклучување во авантуристички туризам испитаниците ги навеле: релаксација, истражување нови места, учење за различни култури, време поминато со семејството (АТТА 2013).
Авантуристичките туристи многу почесто користат професионални услуги од патувачки агенции, водичи, бутик сервис провајдери во однос на туристите во неавантуристичкиот туризам.
Внатре во структурата на авантуристичките активности, хајкинг туристите реализираат патувања со најдолг престој, но со помала потрошувачка на дневна основа. Оваа категорија туристи се многу постабилни во однос на економските турбуленции на пазарот, што се покажа и во услови на Ковид пандемијата. Генерално гледано, според предвидувањата на АТТА и UNWTO хајкинг пазарниот сегмент ќе продолжи интензивно да расте и во наредниот период.
Еден од најатрактивните сегменти на авантуристичкиот пазар, гледано од позиција на бизнис, преставува велосипедскиот туризам во сите облици (планински велосипедизам, друмски велосипдеизам, даунхил, електрични велосипеди). Само во Европа пазарот на велосипедски туризам во 2013 година изнесувал 44 милијарди евра (АТТА, 2013) со приближно 2,3 милијарди велосипедски патувања. За Република Северна Македонија овој податок е од посебно значење бидејќи карактерот на рељефот и надморската височина на нашите планини, посебно на планините во најголемиот дел од земјата, заедно со климатските услови овозможуваат долга туристичка вело сезона. При тоа треба да се има во предвид дека за да се создадат пазарно прифатливи и конкурентски производи неопходно е да се инвестира во соодветна инфраструктура, обука на стручни лица и опрема. Сосема е очекувано дека профитабилните деловни сектори бараат соодветно инвестирање, а cost/benefit ефектите се значително повисоки од поголемиот дел од дејностите во домашното стопанство.
E – biking е голема шанса за многу региони во Македонија и планирањата во насока на планински велосипедизам треба да бидат насочени кон оваа форма, примарно заради техничките карактеристики на патеките и профилот на корисниците.
Трендови во авантуристичкиот туризам
Според истражувањето на асоцијацијата за авантуристички туризам и Еуромонитор спроведено во 2019 година, вкупниот волумен на авантуристичкиот бизнис изнесува 683 милијарди долари. Според истражувањето на ATTA, The George Washington University и Xola Consulting, спроведено во 2010 година, волуменот на авантуристичкиот туризам изнесувал 89 милијарди долари. За период од девет години остварен е раст од речиси 800%. Ваков економски раст е своевиден феномен во бизнисот, а за нас како земја со голем потенцијал во оваа област, е особено мотивирачки. Секако и стандардите што треба да се исполнат треба да бидат мотивирачки.
Побарувањето за авантуристички производи на светскиот пазар е во постојан пораст, но исто така и понудата е во постојан раст, посебно во новите дестинации. Големиот раст на авантуристичкиот туризам се должи на претходно споменатите три причини:
– Зголемен број на меѓународни патувања;
– Зголемен број на туристи во секторот (во авантуристичкиот туризам);
– Пораст во просечната потрошувачка;
Најголемите пазари или емитивни простори се истите региони како и во глобалниот туризам – 69% од сите заминувања се од Европа, Северна и Јужна Америка. Пазари (емитивни простори) со најголем раст се Јужна Америка (1,4% од сите патувања во 2009 до 8% во 2010 година; UNWTO Highlights 2014), Азија, Централна и Источна Европа, Средниот Исток. Се очекува во следните години најголем раст да има на емитивниот простор на Кина, Русија и Јужна Америка.
Според истражувањето на АТТА од 2019 година кое се однесува на порастот на интересот на пазарот, најголем раст во побарувачката има за Јужна Америка, потоа Антарктикот, Западна Европа, Централна Азија и Медитеранот. Најбарани авантуристички активности се хајкинг, кулинарски тури, културни и велнес-фокусирани активности и тури со електрични велосипеди. За сите овие активности во Македонија постои висок потенцијал што и дава на дестинацијата многу поволна компетитивна позиција, се разбира доколку финалниот облик на прозиводот е соодветен на пазарните стандарди.
Со појавата на новите технологии и интернетот доаѓа до значителна промена во каналите на продажба, ставајќи го директниот начин на продажба (дисинтермедијација) на прво место. Според истражувањето на Adventure Pulse спроведено во 2014 година, 71% од туристите во авантуристичкиот туризам во САД самите го организирале своето патување. При тоа треба се има во предви дека оваа појава е многу поизразена при организирање патувања во зрели авантуристички дестинации, додека пак кога станува збор за дестинации во развој и помалку познати дестинации, организацијата на патувањето главно се изведува преку туристички агенции. Ова е особено важно за Македонија, бидејќи како и во секоја дестинација во развој квалитетните туроператори имаат големо значење за правилен развој и промоција и соодветно структурирање на „синџирот на вредности“.
Авантуристичкиот туризам е одлична шанса за земјите во развој. Според податоците на Светската туристичка организација бројот на пристигнувањата во земјите во развој се изедначува со бројот на пристигнувања во развиените земји. Предвидувањата за 2030 година се дека 57% од сите пристигнувања во светот, кои за таа година се предвидуваат да бидат 1,8 милијарди меѓународни патувања, ќе бидат во земјите во развој. Генерално туризмот во новите растечки дестинации ќе се развива со многу повисока стапка на раст во однос на развиените дестинации.
Од друга страна, во сегашниот и во иднина очекуван профил на операторите за авантуристички туризам ќе доминираат мали компании со мал број на вработени и многу често семејни бизниси. Од аспект на потребниот почетен капитал за старт на бизнисот, како и од аспект на флексибилноста на пазарот малите компании се одликуваат со висока адаптилбилност кон пазарните промени и големите економски турбуленции. Воедно, малите компании се многу пофлексибилни и отворени за имплементација на нови знаења во однос на големите оператори. Авантуристичкиот туризам е динамичен сектор со многу брзи промени и само висок степен на адаптибилност и вградување на нови знаења ќе обезбеди конкурентска позиција за компаниите. Токму затоа речиси сите влади или управувачки тела кои го координираат развојот на дестинациите посветуваат големо внимание врз едукацијата и примената на новите технологии.
Заради природата на активностите во авантуристичкиот туризам што вклучуваат физички напор и учење нови вештини и стекнување нови искуства, сосема е логично тоа што значителен дел од клиентите се млади луѓе. Според World Youth Student and Educational Travel Confederation (WYSE TRAVEL) кај 91% од младите мотив за патување е истражување нови култури, кај 52% посета на историски локации, а кај 49% од испитаниците интерес за патувањето бил хајкинг/пешачење или треккинг. При согледување на интегралните резултати треба да се земе во предвид фактот дека мотивите за патување со од комбиниран карактер и содржат повеќе атрактивно мотивациски фактори.
Според географската распределба на младите во авантуристичкиот туризам 19% од младите се од Обединетото Кралство, а 12% од Германија (WYSE TRAVEL). Речиси 71% од младите кои се одлучуваат за авантуристички туризам се жени. Сето ова треба да се има во предвид при креирање стратегии за промоција на Македонија како туристичка дестинација на меѓународниот пазар.