Guides

ВАЛОРИЗАЦИЈА НА ПРОИЗВОДИТЕ ЗА АВАНТУРИСТИЧКИ ТУРИЗАМ ВО МАКЕДОНИЈА

OUR BLOG

Во Македонијата постојат предуслови за креирање авантуристички производи со висока пазарна вредност. За докажување на овој став не се неопходни, иако се добредојдени, посебни обемни стручни анализи и експертски мислења од светски формат, кои во изминативе неколку децении во земјава се направени можеби најмалку десетици пати.

Македонските предуслови за авантуристички туризам произлегуваат од природните карактеристики на земјата (клима, рељеф, естетика на просторот, биодиверзитет), културното наследство во материјален и нематеријален облик, инфраструктураните карактеристики во регионите со најголем потенцијал за развој на авантуристичкиот туризам и состојбата со човечки ресурси, примарно набљудувана како потенцијал, а не како готови кадри подготвени веднаш да бидат вклучени во туристичките процеси, иако мора да се биде реален и да се земат во предвид негативните демографски тенденции кои буквално од ден на ден го редуцираат домашниот потенцијал на стручна и работна сила.

Валоризација на потенцијалите за авантуристички туризам во Македонијата

Констатацијата дека во Македонијата има „поволни“, „одлични“, „големи“ и сл. услови за авантуристички туризам сама по себе не говори ништо. Туризмот, меѓудругото е економска операција каде проценките почиваат на пресметки  со бројки и аргументи, па согласно со тоа и валоризацијата на авантуристичките потенцијали, од кои треба да се создадат соодветни ресурси за развој на производи во авантуристичкиот туризам, треба да почива на аргументи.

Една од најважните потврди за условите за авантуристички туризам е постоењето на туристички процеси со авантуристички содржини речиси седумдесетина години, и секоја активност во насока на креирање дестинација за авантуристички туризам во Македонијата треба да се надоврзува на претходно направените активности, како во инфраструктурното уредување, така и во делот на доразвивање, обновување или реорганизација на производите кои во минатото биле предмет на туристичка експлоатација.

Во туризмот кога треба да се направи процена и вреднување на можностите за ставање во функција на дел од одреден простор (дестинацијата) во туристичка експлоатација се прави валоризација на туристичките ресурси. Тоа е постапка при која се врши процена на вредноста на одредени делови од туристичката дестинација (објекти, терен или појави) и нивната компатибилност со побарувањето на туристичкиот пазар. Логично е дека ресурсите со најголем потенцијал имаат приоритетен третман и очекувано, да постигнат најголема економска или промотивна корист.

Во минатите неколку децении во Македонија се направени значајни напори за развивање на авантуристичкиот туризам. Тие биле главно помогнати од странски донации, а за жал, многу малку од самата држава, што е важен индикатор за препозанавање на економските можности на овој, барем во светот и во нашето блиско опкружување, економски значаен сектор. Меѓутоа досега направеното е многу малку во однос на вкупниот туристички потенцијал во земјата. Тврдењето „малку“ неминовно наметнува потреба од дообјаснување на значењето на туристичката валоризација при вклучување на ресурсите за авантуристички туризам во креирањето готови производи и нивно интегрирање во туристичката понуда на ниво на дестинациски простор.

Пред се треба да се објасни дека природните особености и културното наследство на земјата преставуваат одлични туристички потенцијали кои треба да бидат „доработени“ во туристички ресурси и дури потоа можат да бидат дел од идните туристички производи. Потенцијалот сам по себе е многу далеку од готов туристички производ и уште подалеку од негова промоција и пласман на пазарот.

За да бидат предмет на уредување потенцијалите треба да бидат валоризирани (проценети) како почетна основа од кои потоа може да се изградат атрактивни производи за кои на пазарот постои интерес – туристички атракции со пазарна вредност. Крајниот очекуван ефект на туристичката валоризација е добивање обликувани туристички содржини што ќе учествуваат во туристичкиот промет и ќе донесат економски ефект.

Овде мора да се напомене дека не секогаш економската валоризација е соодветна со туристичката валоризација, и понекогаш заради ниска експлоатација на производот (ресурсот) која може да биде резултат на многу пазарни околности, или несоодветна промоција, може да постои ниска економска валоризација, при реална и висока туристичка вредност.

Во суштина туристичката валоризација е аналитичка постапка при која што се испитуваат квантитавините и квалитативните својства на туристичките ресурси за да се дефинираат потребните услови и соодветно на тоа, потребните активности и инвестиции, за да можат тие ресурси да се вклопат во туристичкиот развој.

Туристичките мотиви се хетерогени и тешко е да се обезбедат единствени критериуми за валоризација на туристичките ресурси. Така на пример патеката за планинарење – хајкинг во Националниот Парк Маврово од Стрезимир до врвот Голем Кораб, е една од најквалитетните планински туристички патеки во нашата земја, како според коридорот на патеката, нејзината газечка површина, така и заради поставената сигнализација и посебно заради фактот дека преставува етапа со највисока точка од меѓународниот производ High Scardus Trail кој одлично котира на меѓународниот пазар. Меѓутоа тоа не значи дека оваа патека за хајкинг ќе се вклопи во интересите на секоја категорија туристи, како на пример туристи кои немаат афинитет да пешачат повеќе од 10 км за време на турата и не би сакале да искачат денивелација повеќе од 500 метри. Од друга страна за спортски и високо рекреативно мотивирани туристи (посетители, корисници), љубители на long distance hiking патеки или колекциониреи на највицоките врвови во секоја држава, оваа патека ќе пружи извонредни искуства – квалитетна подлога, одличен распоред за совладување на денивелациите, опкружување со висока естетска вредност, пејзажи, панорами, пчеларска фарма и самиот врв Голем Кораб висок 2764 метри, највисоката точка во Македонија и Албанија, позициониран на државната граница меѓу двете земји. Туристичките мотиви се хетерогени и затоа не постојат унифицирани критериуми за туристичка валоризација.

Универзум на туристичкиот производ – сензација, доживување, искуство. Врвот Убава на планината Караџица е типичен пример за исполнување на повеќе туристички критериуми „на едно место“.

Тоа е дополнителна причина валоризацијата во секоја специјализирана област да ја вршат стручни лица со соодветна академска позадина и сериозен и докажан багаж во практичната реализација. Авантуристичкиот туризам преставува сериозен економски потенцијал за Македонија и важен елемент за подобрување на лошите демографски процеси во руралните области, и затоа тој не смее да биде предмет на волунтаристички пристап и аматерски анализи при изготвување на студии, планови или стратешки документи.

Туристичката валоризација не е статична и трајна. Таа е резултат на соодносот помеѓу туристичките потреби и вредноста на природните ресурси. Така на пример доколку на претходно споменатата патека од Стрезимир до врвот Голем Кораб дојде до оштетување на подлогата на патеката со ерозија, или се случи некаков негативен човечки импакт заради незнаење или непочитување на докажаните меѓународни стандарди, или злоупотреба на врвот како највисока точка во политички, националистички или други цели (што во моментов се случува), кои докажано имаат негативен импакт врз атрактивноста на одреден дестинациски простор, патеката ќе ја загуби својата туристичка вредност, а со тоа и атрактивоста.

Квалитетот на туристичката инфраструктура е важен елемент во вреднувањето на туристичката дестинација. При тоа од значење е да се препознае важноста од примена на докажани стандарди и системски приод, земајќи во предвид дека туризмот е извозно ориентирана дејност каде што производите се вреднуваат според критериумите на меѓународниот пазар, а не според локални или национални вредносни критериуми и стандарди кои за жал, многу често се креираат заради дневно политички и ситни и краткотрајни лоби интереси, и во долг рок носат значителни штети и на самите производи и на дестинацијата во целина. Доколку сакаме туризмот да биде извозно ориентирана дејност и да биде значаен извор на девизен приход, туристичките производи треба да се вреднуваат според докажани меѓународни критериуми и реакциите на туристите, а не според сопствените и многу често нестручни толкувања и пристапи.

Чувството на безбедност е еден од најважните критериуми за формирање позитивна перцепциа за дестинацијата („критериум на сигнал“). Од тука посебно внимание треба да се обрне на естетската и функционална вредност на сигнализацијата на патеките за планински туризам. Сигнализацијата треба да содржи основни инфоромации, кои доколку бидат премногу, ќе предизвикаат конфузија и обратен ефект – збунетост кај туристите.

Како треба да се прави валоризација на авантуристичките ресурси? При спроведување на аналитичките активности – валоризацијата на одреден авантуристички ресурс треба да се разликуваат компоненти и фактори за валоризација.

Компонентите за туристичката валоризација се функционални и просторни.

Кај авантуристичките ресурси функционални компоненти се тие од кои зависи карактерот и обемот на активноста (вид на патека, должина, денивелација, опкружување, области со висока природна или културна вредност…).

Просторни компоненти се пристапност до почетната или крајната точка на патеката, близина до местото каде што престојуваат туристите или местата од друг туристички интерес.

Според светската туристичка организација (UNWTO) постојат два вида фактори за туристичка валоризација – Интерни и Екстерни фактори.

Интерните фактори се индикатори за специфичните карактеристики и вредности на секоја компонента од туристичкиот ресурс. Тие ја објаснуваат  структурата на ресурсот и колку тој ресурс може да биде употреблив во туризмот.

Екстерните фактори ги објаснуваат елементите што овозможуваат употреба на туристичките ресурси.

Земајќи ги во предвид состојбите на светскиот пазар за авантуристички туризам и приликите и закономерностите што се присутни во дејноста, анализите на потенцијалите за развој на авантуристичкиот туризам во Македонијата треба да бидат во корелација со критериумите на меѓународниот пазар. Доколку сакаме да бидеме присутни на меѓународниот пазар, треба да ги исполнуваме критериумите кои важат на истиот тој пазар. Втора „опција“ за реален авантуристички туризам не постои.

Оправданост – авантуристичкиот туризам како можност за економски развој на Македонија

Анализите и „броевите“ од Светската туристичка организација – UNWTO, Светскиот совет за патување и туризам – WT&TC, како и Асоцијацијата за авантуристички туризам – ATTA укажуваат дека авантуристичкиот туризам е еден од најбрзорастечките економски сектори во светот воопшто со неспоредливо поголема експанзија во однос на генералниот или масовниот туризам. Со еден збор постојат позитивни тенденции на светскиот пазар за оваа дејност.

Од друга страна потенцијалот во Македонија обезбедува основни предуслови за развој на авантуристички производи, па дури и ексклузивни и „бутик“ производи. Бутик производи во моментов не постојат, барем не според издражни меѓународни критериуми, бидејќи предусловите – потенцијалите сами по себе не значат и постоење на производ, туку дека постои почетна основа за креирање производи и дестинациски развој. Со соодветни вложувања во адекватна авантуристичка инфраструктура, основна туристичка инфраструктура, човечки ресурси, регулатива и стандардизација, промоција и развивање адекватни начини за продажба, потенцијалот може да се трансформирада се преработинадгради во финален и квалитетен авантуристички производ.

Статистика за авантуристичкиот туризам во земјава не постои. За да се направи економска анализа на актуелните ефекти од авантуристичкиот туризам во земјава неопходни се реални податоци, кои за жал во моментов не постојат.  Неформалните податоци од дел од домашните чинители во авантуристичкиот сектор не можат да бидат основа за издржани анализи. Од друга страна дискутабилна е и статистиката во домашниот туризам генерално, и покрај имплементацијата на меѓународните статистички стандарди и методи за следење и евиденција на туристичките активности, што како претпоставка за сомневање се наметнува од разликите кои постојат во интерпретацијата на „бројките“ од различни меѓународни организации, како на пример Светскиот совет за патување и туризам (WT&T Council) со домашните статистички податоци.

Затоа економските анализи за можностите на домашниот авантуристички туризам треба да се прават преку анализа на светските трендови и меѓународните статистички анализи во овој сектор. Доколку се земе во предвид просечната дневна потрошувачка на клиентите во авантуристичкиот туризам (+/- 350 долари/ден) за која мора да се напомене дека не е соодветна за нашите прилики (одсуството на соодветна статистика за авантуристичкиот туризам во земјата ги отежнува анализите), сепак преставува оптимистичка основа за планирање, инвестиции и развој на авантуристичкиот туризам во земјава. Една од првите задачи што во некоја идна издржана студија за развој на авантуристичкиот туризам на национално ниво е да се обезбеди реален пристап во анализите кои од една страна треба да ги земаат во предвид сите меѓународни податоци за дејноста, но од друга страна треба да ги земат во предвид и реалните состојби „на терен“ во домашниот авантуристички сектор, изнесени од реални учесници во туристичките процеси и познавачи на подсекторот. Тое е единствен начин да се добие прецизен документ – водилка за развојот на авантуристичкиот туризам во Македонија. Основен предуслов за тоа е поставување систем за квалитетно прибирање на информациите за авантуристичките активности во земјава, па потоа врз основа на тие податоци да се прават економски анализи.

Компетентност на производите

Според Светската организација за авантуристички туризам АТТА авантуристичкиот производ треба да содржи најмалку две од следните три компоненти:

  1. Физичка активност
  2. Природно опкружување
  3. Културна размена

Дополнителни елементи што на авантуристичкиот производ му даваат додадена вредност и уникатност се: високо валоризирани природни вредности, уникатно културно наследство, длабока интеракција со животот на локалните заедници и можност за сопствена промена.

Во Македонијата постојат предуслови за задоволување на основните критериуми што треба да ги исполни авантуристичкиот производ, како и за развивање содржини што ќе му дадат на производот дополнителна вредност. Секоја туристичка активност во Македонијата (во авантуристичкиот туризам) е во природно опкружување со висока и потврдена вредност (добар дел од квалитетните региони за авантуристички туризам се заштитени подрачја што им дава дополнителна атрактивност), а авантурустичките производи во себе содржат физичка активност со различен интензитет на напор, а можностите за културна интеракција со локалните заедници и генерално локалната култура се многубројни, пред се заради отвореноста и гостопримливоста на населението.

Авантуристичките производи во Македонијата ги содржат сите структурни елементи кои се неопходни за создавање квалитетен туристички производ.

Со еден збор во Македонијата постојат предуслови за креирање авантуристички производи по утврдените меѓународни стандарди. Мора да се напомене, заради должна почит на сите кои работеле во изминатите децении на развојот на авантуристичкиот туризам во земјава, дека во моментов постојат авантуристички производи кои се во туристичка експлоатација и кои полека но сигурно добиваат препознатливост на меѓународниот пазар, како што е претходно споменатата long distance hiking trail производот – High Scardus Trail.

Анализа на предусловите за развој на одредени видови авантуристички активности

Изборот на авантуристичките содржини што би требало да бидат предмет на планирање и ставање во функција треба да се направи во корелација со неколку одредувачки критериуми:

  1. Реалните можности на терен за креирање ваков тип содржини;
  2. Постоење предуслови за обука на потребните стручни лица што ќе ги сервисираат активностите;
  3. Можност за организирање на пропратните логистички активности;
  4. Побарувачката на пазарот за секоја од планираните содржини;
  5. Cost/benefit анализа за производите и потребните вложувања;
  6. Безбедност на производите и креирање имиџ на безбедна дестинација.
Пирамида на неопходните предуслови за развој на авантуристички производи

Македонија има одлични предуслови за развој на авантуристичкиот туризам, кој на меѓунардоно ниво има многу повисока стапка на економски раст во однос на масовниот туризам или други економски дејности. Дали авантуристичкиот туризам ќе биде генератор или поткрепа на економскиот развој во земјава зависи само од нас, од нашето знаење, свесноста за почитување и вреднување на потенцијалите и приоритизација на квалитетот кој носи долгорочен бенефит наспроти дневно политичките калкулации со за жал често деструктивни ефекти.

Господ ни дал, на нас останува дали ќе го искористиме, занемариме или уништиме тоа што ни го дал. Се зависи од нас.