Guides

ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА НАЈДОБРИ ПРАКСИ И СТАНДАРДИ ВО АВАНТУРИСТИЧКИОТ ТУРИЗАМ

OUR BLOG

Најдобри практики преставуваат оперативни методи, кои покажале дека даваат супериорни резултати. Во авантуристичкиот туризам, има бројни примери за најдобри практики во различни сектори кои респективно се анализираат од компаниите како насоки за обезбедување деловен успех.

Според студијата на Светската туристичка организација за авантуристички туризам од 2014 година (UNWTO – Adventure tourism snapshot 2014) најдобрите практики се исклучително важни во авантуристичкиот туризам бидејќи туристите редовно доаѓаат во близок контакт со локалните заедници и честопати поминуваат денови во движење преку чувствителни природни средини. Дури и кога не постои регулатива за дејноста или специфичната активност на државно или локално ниво, туроператорите треба да бидат свесни за важноста од примената на најдобри практики бидејќи тие се насочени кон обезбедување одржливост на авантуристичкиот туризам и деловен успех.

При планирање на дестинацискиот развој потребно е да се почитуваат принципите за добро работење и имплементација на докажани најдобри практики во следниве сегменти:

  1. Минимизирање на можните ризици и оптимизација на безбедноста на туристите и целиот туристички процес.
  2. Почитување на локалните културни вредности и поставување високи стандарди за презентирање на културното наследство и интеракција со локалните заедници.
  3. Почитување и строга грижа за природното опкружување и животната средина.
  4. Грижа за човечките ресурси како примарен носител на туристичките процеси.
  5. Имплементација на докажани стандарди во дејноста и специјалностите (сместување, исхрана, превоз, водичи, информативни материјали) кои се развиле како резултат на пазарните искуства и елиминирање на било какви можности за примена на волунтаристички стандарди.
  6. Инсиситирање на соодветна сертификација во сите сегменти од туристичкиот процес која ќе почива врз прифатени стандарди. Сертификацијата е потврда и предуслов за квалитетна комуникација со туристите.
  7. Дефинирање и строго придржување до регулатива која е усвоена со консензус од страна на приватниот сектор, локалната самоуправа и локалното население.

Имплементација на докажани стандарди има важна улога во одредување на насоките за дестинациски развој и воспоставување квалитетни туристички производи. Важно е соодветно препознавање на стандардите кои покажале најдобри резултати и нивна примена. Имплементацијата на стандардите е прилично комплициран процес, но тоа е единствена гаранција за поставување на туризмот во вистинска насока. Флексибилност, отворен ум и желба за работа се неопходни за нивна имплементација. За различни области од авантуристичкиот туризам постојат стандарди кои се докажале во туристичката пракса како исклучително корисни и за нивно препознавање потребно е соодветно знаење. Во продолжение ќе бидат наведени неколку примери на стандарди кои произлегле од добри практики, но кои исто така, преставуваат гаранција за добри практики.

  • Стандард за гостопримливост и услуга за гости – ISO 9001: 2008, потврден од Меѓународната асоцијација за угостителство.
  • Квалитет на настани и атракции – “Quality Assured Seal” од туристичките авторитети во Малта.
  • Безбедносен стандард за авантуристички туризам ISO/TC 228 WG7.
  • Стандард за професионални планински водичи – International Mountain Leader во надлежност на меѓународната организација на професионални водичи UIMLA (Македониија е полноправна членка на UIMLA од 2018 година со право да врши обука и лиценцирање на професионални водичи во планина според овој стандард).
  • Меѓународен стандард за планинско спасување ICAR (Македонија е членка на ICAR од 2016 година).
Двата клучни меѓународни стандарди за развивање квалитетни услуги во планинскиот туризам во Македонија:
1. UIMLA – професионален стандард за водичи во планина.
2. ICAR – меѓународен стандард за спасување и безбедност на планина

Како што е претходно кажано воведувањето на стандардите не е едноставен процес, како од финансиски, така и од организациски аспект и заради потребата од менување на некои воспоставени навики на однесување. За финансискиот аспект на стандардизацијата постојат можности за обезбедување средства преку фондови за развој на туризмот (или руралниот развој), но посебно внимание треба да се обрне и на организацискиот аспект, системското поставување и мотивацијата на чинителите за нивно прифаќање. Најдобро е кога тоа се прави преку позитивна стимулација во насока на уверување на сите субјекти во туризмот дека исполнувањето на стандардите е заради достигнување одредено ниво на квалитет и соодветно на тоа поголема конкуретност на производите/услугите. Еден од можните модели во Македонијата е поставување на генерален стандард за квалитет во туризмот кој како предуслов ќе ги наметне критериумите на проверените практики во секоја од специјалностите.

Стандардите имаат двојна цел. Едната цел е да ги потикнат учесниците во синџирот на услуги за постигнување повисоко ниво на квалитет и подобра конкурентност на производите и второ, да обезбедат доверба кај туристите за вредноста на услугите/производите и дестинацијата во целост.

Значењето на безбедноста во авантуристичкиот туризам

Ризикот е неминовен дел од авантуристичкиот туризам. Тој обезбедува одреден степен на атрактивност на производите бидејќи оваа категорија туристи имаат афинитет кон активности што содржат повеќе или помалку ризик или кон дестинации кои не се целосно развиени, како во поглед на инфраструктурата, така и во поглед на степенот на развој на услугите кои се директен или индиректен дел од туристичкиот производ.

Кога се зборува за ризик во авантуристичкиот туризам пред се се мисли на физичка повреда настаната за време на патувањето и изведување на некоја од авантуристичките активности. Оваа категорија на ризици се најчести. Правилното менаџирање на ризиците треба да се одвива на две нивоа – ниво на дестинација и ниво на туроператори или дејност.

На ниво на дестинација потребно е воспоставување систем за превенција и систем за менаџирање на несреќите.

Превенцијата се постигнува со дефинирање на стандарди за безбедно управување со ризиците, како минимални задолжителни или оптимално препорачани стандарди. Спроведувањето на овие стандарди се постигнува со промоции, кампањи, едукација и поставување соодветна регулатива.

За менаџирање на несреќите на ниво на дестинација неопходно е воспоставување на служба за спасување која треба да биде составена од квалитетно обучени луѓе и опремена со опрема која е соодветна на очекуваните проблем ситуации. Во принцип, без воспоставен систем за потрага и спасување (SAR system – search and rescue) невозможно е стекнување кредибилитет на атрактивна и безбедна дестинација која ќе биде конкурентна со регионалното опкружување. Важен момент при поставувањето на овие служби е доследно почитување на стандардите за спасителните служби на планина (ICAR – International Commission for Alpine Rescue). Планинскиот терен во Македонијата наметнува потреба од квалитетно обучени и добро опремени спасителните тимови – станици за спасување, што ќе им овозможи брзо, ефикасно и безбедно решавање на несреќите во авантуристичкиот туризам.

Во основа креирањето на систем за безбедно управување со ризиците се состои од неколку целини:

  1. Усвојување на стандарди за безбедност (Safety and risk management standards).
  2. Обука на стручни лица.
  3. Набавка на потребната опрема.
  4. Практична имплементација на стандардите.

И кај туроператорите потребно е креирање алгоритми за превентивно делување и справување со настанати несреќи.

За превенција и справување со несреќите неопхдоно е имплементирање на стандарди за безбедно управување со ризиците на ниво на тур оператор или давател на услуга, кое што преставува јадро на безбедност на производите. За секоја авантуристичка дејност постојат генерални стандарди или стандардни оперативни процедури (Standard operating procedures – SOP процедури), како и стандардни оперативни процедури кои се специфични за одредена дејност (хајкинг, планински велосипедизам, скијање, АТВ тури и сл). Покрај тоа, за секоја тура/производ треба да се изработат специфични оперативни процедури.

Постапки на ниво на тур оператор или давател на услуга за менаџирање со ризиците

Воспоставувањето на стандардните оперативни процедури бара соодветна обука на давателите на услуги и на почетокот тоа е прилично комплексен процес заради општо присутното непознавање на материјата, но со постепена имплементација на новите процедури и тренинг на персоналот, системот станува поедноставно применлив и ефикасен при оперирањето. Обучен персонал и имплементиран систем за управување со ризиците се неопходни за создавање комплетен и компетитивен туристички производ.

Во случај на несреќа овие процедури/документи имаат огромно значење за превенција или ублажување на правните, економските и маркетингшките последици.

Стандардните оперативни процедури во суштина се состојат од:

  1. Препознавање на ризиците
  2. Процена на ризиците
  3. Превземање мерки за избегнување
  4. Превземање мерки за справување со проблемите и менаџмент на несреќите
  5. Превземање мерки за справување со последиците

Меѓутоа можноста за повреда или болест не се единствени ризици при спроведување на туристичкиот процес. Како и во сите останати туристички активности постојат неколку категории ризици. Според професорот Ralf Buckley од Griffith University постојат шест категории ризици во туризмот:

  1. Комерцијални, кои се однесуваат на типичното бизнис менаџирање.
  2. Легални, кои се однесуваат на законито работење на туроператорите и давателите на услуги.
  3. Медицински, условени од возраста, општата здравствена состојба, физичката подготвеност на клиентите.
  4. Оперативни, условени од спроведувањето на логистичките аспекти на патувањето, итенерерот, опремата, сместувањето, транспортот, обученост на водичите и сл.
  5. Физички, кои се однесуваат на физичката безбедност на туристите, примарно безбедност од повреда или несреќа.
  6. Социјални, кои се однесуваат на добро менаџирање на социјалната интеракција помеѓу клиентите, помеѓу клиентите и водичите и помеѓу туристите и локалната заедница.

За успешно справување со сите ризици, покрај претходно споменатите превентивни и оперативни мерки, неопходно е будно следење на клиентите за време на турата и внимателна процена на нивните способности во однос на предвидените активности. Во принцип ова преставува дел од стандардните оперативни процедури и компетенции на водичите и на останатите стручни лица вклучени во различни сегменти од авантуристичкиот туризам.

Важен дел од превенцијата и менаџирањето со ризиците е осигурувањето. Осигурувањето треба да покрива два типа на несакани ситуации – повреда или болест на туристите и грешка или небрежност од страна на организаторот на патувањето или давателите на услугите. Во Република Северна Македонија (на ниво на дестинација – држава) постои систем за задолжително осигурување на туристичките агенции со премии условени од нивото – лиценцата на агенцијата.