Воведни појаснувања
Пред да се започне со анализа на структурните компоненти на патеките за планински рекреативен туризам, потребно е да се дадат некои општи појаснувања.
Во својата основа, патеките за планински рекреативен туризам претставуваат комуникациски линии – инфраструктура што поврзува одредени места и локации низ области и терени кои се наоѓаат надвор од урбаните зони. Затоа при објаснувањето на структурата на патеките, можеби е најдобро да се започне со дефиницијата која е изнесена во Webster’s New World Dictionary, каде што патеката е дефинирана како ‘‘прокрчен или поминат пат низ дива област‘‘ (a blazed or trodden path through a wild region).
Во домашната терминологија за ваков тип на патеки се употребуваат различни термини, како што се: ‘‘козји патеки‘‘, ‘‘планинарски патеки‘‘, ‘‘пешачки патеки‘‘, ‘‘коњски патеки‘‘, ‘‘шумски патеки‘‘, ‘‘земјени патишта‘‘ и сл. Инфраструктурниот елемент – патеките, на кои што се однесуваат горе наведените термини, во целост се поклопуваат со Webster – овата дефиниција за поимот патека или пат.
Меѓутоа, кога станува збор за патеки за планински рекреативен туризам, горе наведените термини или дефиниции не се соодветни, бидејќи туристичките патеки немаат само комуникациска функција, туку треба да бидат дел од туристичкиот производ кој има за цел да задоволи поголем број комплексни потреби на туристите. Токму затоа, кога се анализираат патеките од аспект на туризмот, посебно кога станува збор за патеките за планински рекреативен туризам, неопходно е да се прави разлика помеѓу патека која има комуникациско значење (планинарска, козја, коњска … патека) и патеката која е во функција на задоволување на туристичките потреби.
Туристичките патеки треба да бидат уредени според сите стандарди кои важат за туристичките објекти, за кои во туризмологијата се користи терминот туристичка супраструктура. Значи, патеките за планински рекреативен туризам претставуваат туристички супраструктурен елемент, кој треба да биде интегрално поврзан со останатите елементи во туристичката дестинација или компонентите на туристичкиот производ.
Доколку сакаме да добиеме правилна слика за структурата и функцијата на патеките за планински рекреативен туризам, тогаш во приодот при нивната анализа мора подеднакво да се почитуваат два основни момента, а тоа се:
– Дека патеката е инфраструктурна форма која постои на терен, чија што примарна цел произлегува од некогашната или актуелната потреба да претставува комуникација помеѓу две или повеќе места;
– Патеките за планински рекреативен туризам мора да ги задоволат сите потреби на посетителите – туристите, вклучувајќи ги и рекреативните, културните и информативните потреби, и да задоволуваат одредени стандарди за безбедност.
Само со ваков приод ќе се овозможи правилно дефинирање на патеките за планински рекреативен туризам и ќе може да се согледа нивното вистинско значење во целокупниот систем на туристичка понуда што е присутна во одреден регион.
Овој приод воедно помага и за полесно сфаќање на разликите помеѓу ‘‘нетуристичките‘‘ патеки, каде што спаѓаат т.н. планинарски патеки, козји патеки, коњски патеки и сл, со патеките за планински рекреативен туризам. Непрепознавањето на разликата во поимите, води кон погрешно толкување на улогата што треба да ја има патеката како супраструктурен туристички елемент, а тоа пак, може катастрофално да се одрази со девалвирање на вредноста на туристичкиот производ и имиџот на туристичката дестинација каде што е лоцираната патеката. Значи, патеката за планински рекреативен туризам треба да биде во функција на потребите што ги има целната група на корисници, а тоа се посетителите – туристи, и таа треба да ги задоволи нивните рекреативни, културни и забавни потреби.
Токму затоа, непрепознавање на разликите помеѓу патеките кои имаат исклучиво комуникациска улога и патеките кои се адаптирани за туристичка експлоатација, може да има негативни ефекти врз туристичкиот промет, посебно во региони кои немаат изградено имиџ на туристичка дестинација и каде што се нудат некомплетни или недоволно афирмирани туристички производи. Непрепознавањето на оваа разлика може да биде крајно деструктивна за регионите каде што активностите за развој на туризмот се во почетна фаза.
Од тие причини, при анализа на патеките за планински рекреативен туризам, можеби е подобро да се појде од дефиницијата – приодот кон оваа категорија патеки, што е даден од страна на планинскиот клуб на Апалачи (Appalachian mountain club – ‘‘The complet guide to trail building and maintenance‘‘, 3d edition, 1997) каде што, се наведува дека Основната вредност на патеката лежи во видот и квалитетот на патувањето што таа го овзможува..
Со овој приод, лесно може да се направи разлика помеѓу примарно комуникациските патеки, чија што функција е да обезбедат комуникација – поврзување помеѓу одредени места, и туристичките патеки кои имаат повеќе функции кои се насочени кон задоволување на разновидните потреби на туристите.
Горе наведената дефиниција е кратка и едноставна, меѓутоа едновремено е прецизна и целосна. Суштински, дефиницијата и покрај тоа што примарно се однесува на туристичките патеки, своја потврдна афирмација наоѓа кај било кој вид патека. Тоа можеме да го констатираме и при анализа на патеките во нашите планини, посебно кај старите патеки кои во минатото имале примарно стопанско значење.
Имено, речиси во сите планински места се среќаваме со неколку ‘‘паралелни‘‘ патеки кои го поврзуваат населеното место со една иста локација, како што е друго населено место или области каде што се одвивале одредени ‘‘стопански активности‘‘, како на пример, места каде што се сечеле дрва, ливади за косење сено, пасишта и сл.
Сите овие патеки, и покрај тоа што поврзувале исти локации, имале различна функција. И денес низ планинските места среќаваме вакви ‘‘паралелни‘‘ патеки, од кои едни се користат за транспорт на дрва, други патеки кои се користат за пешачење или движење со коњи, а има и патеки по кои главно се движи добитокот. Во минатото, ова се правело за да се овозможи рационално експлоатирање на патеката и да се превенира истата од прекумерна ерозија, поточно, да се одржува патеката во функционална состојба со што е можно помали интервенции. Постоеле непишани правила за користење на патеките, кои локалното население ги почитувало, бидејќи тие имале суштинско значење за нивното секојдневие и преживувањето.
Гледано од туризмолошки аспект, и денес е важно да се почитуваат правилата за различно класифицирање на патеките, бидејќи тие имаат суштинско значење за квалитетот на туристичката активност и преживувањето на туристичкиот производ.
Препознавањето на оваа разлика и нејзиното операционализирање при креирањето на туристичките патеки, има огромна важност за квалитетот на туристичкиот производ во чие што креирање учествува патеката.
За да се разбере ова, можеби е подобро да се даде мало појаснување за туристичките содржини и активности, како и значењето на туристичката опременост и уреденост за туристичкиот промет и неговиот развој.
Според туризмолошките правила, развојот на туризмот е условен од квалитетот на природните и другите видови атракции, квалитетот на инфраструктурната уреденост и видот и квалитетот на супраструктурната изграденост.
Значи, атракциите, инфраструктурата и супраструктурата, претставуваат база без која што не може да стане збор за туристички активности. Централно место кај сите туристички активности има туристот, со своите потреби, интереси и желби. За да бидат задоволени потребите на туристот, неопходно е да се обезбеди содржајност на туристичката понуда. Туристичката опременост и уреденост има големо значење за обезбедување на квалитетна туристичка понуда. Затоа, и квалитетот на уредување и опремување на туристичкиот простор, има важна улога во создавањето на квалитетен туристички производ.
Токму затоа, е важно при планирањето и ставањето во функција на патеките за планински рекреативен туризам, и нивното вклучување во идната туристичка понуда, појдовна точка да бидат туризмолошките принципи, за да се обезбеди соодветна ефикасност на патеката и истата да може на адекватен начин да ги потенцира вредностите на туристичкиот простор.
Претходните објаснувања ќе бидат надополнети со неколку примери.
Да разгледаме во општи црти една патека за планински рекреативен туризам, која примарно е наменета за туристи од постара возраст. Патеката треба да биде прилагодена според нивните физички и технички способности и нивните интереси.
За да се задоволи првиот критериум, неопходно е техничките карактеристики на патеката да бидат адекватни на можностите на оваа возрасна категорија. Значи,
вдолж патеката не би требало да има долги и стрмни секвенци, за чие совладување е потребен поголем напор, ниту пак подлогата да биде тешка за движење, што од една страна би го зголемило напорот за совладување на просторот, но од друга страна, може да биде причина и за повреди.
За да се задоволи вториот критериум, треба да се познаваат најчестите интереси на оваа категорија туристи. Тие, бидејќи се движат релативно бавно по патеката, и во нивните активности не доминира спортскиот момент, покажуваат многу поголем интерес кон биодиверзитетот, пејзажните простори и културно историските локации. Затоа, патеката која е наменета за оваа категорија туристи, треба да минува низ предели кои имаат квалитетни биодиверзитетски вредности, убави панорами и културно историски содржини.
Различни би биле квалитетите кои би требало да ги поседуваат патеките кои примарно се наменети за друга категорија туристи. На пример, за фототуристите, патеката треба да изобилува со панорамски и пејзажни простори, како и со интересни природни и релјефни форми. Кај туристи, кои се заинтересирани за набљудување на птици или набљудување на габи, патеката треба да минува низ предели, каде што се среќаваат овие видови.
Претходно изнесеното, доволно јасно ја илустрира разликата во приодот, при дефинирањето на патеките за планински рекреативен туризам како туристички супраструктурен елемент и дел од туристичкиот производ, наспроти приодот кон патеката гледана исклучиво како комункациска линија во просторот. Без препознавање на оваа разлика, не може да се креираат квалитетни патеки, кои ќе придонесат за квалитетни туристички содржини и активности.
Во изминатиот период, во Република Македонија, не се обрнуваше доволно внимание за почитување на разликите што владеат помеѓу различните категории патеки на планина, кое што во најголема мерка беше условено од прифатениот волунтаристички приод кон креирањето на патеките за туристичка рекреација, при што не се водеше сметка за идната функција што треба да ја има истата. Исклучок беа некои патеки кои се уредени во НП Пелистер, НП Галичица, НП Маврово, НП Шар Планина и Јабланица, кои беа дел составен дел од системски планирани и теренски организирани туристички производи.
Вистински туризмолошки приод при организирањето на патеки за планински рекреативен туризам, во Република Македонија за прв пат е применет во текот на 2010 година, кога се започна со поставувањето на системот од мрежно поврзани патеки во националните паркови Галичица и Маврово. И во двата парка, патеките беа планирани и трасирани како функционални туристички целини, од страна на квалификувани водачи во планина, членови на Македонската асоцијација на интернационални водачи во планина, која како членка на светската организација на професионални водачи во планина (UIMLA – Union of international mountain leaders associations), ги применува светските стандарди од областа на планинскиот туризам. Да се надеваме дека ова ќе бидат доволно убедливи примери, кои ќе влијаат кај сите надлежни субјекти кои имаат влијание во оваа сфера од планинскиот туризам, за во иднина да се применуваат соодветни туризмолошки стандарди при ставањето во функција на патеки за планински рекреативен туризам, и да се прави разлика помеѓу волунтаризмот и професионализмот.
Волунтаристичкиот приод води кон создавање импровизирани туристички производи и непрепознатливост на туристичката дестинација на светскиот пазар, каде што, како и во секоја стопанска дејност, при формирањето на цената на туристичкиот производ важи правилото ‘‘вредност за пари‘‘ (value for money), и според кое што правило, производите со мала вредност можат да се продаваат само за мали пари.
Структура и форма на патеките за планински рекреативен туризам
При анализа на градбата и функцијата на патеките за планински рекреативен туризам, треба да се разликуваат два приода преку кои ќе се објасни нивната структура и туристичка употребливост.
Првиот приод во анализата на патеките, се однесува на нивната структурална градба, односно на структурните елементи од кои што е составена патеката.
Вториот аналитички приод, се однесува на нивната функционална поставеност, преку анализа и објаснување на функционалните елементи на секоја патека.
Структурни делови на патеките за планински рекреативен туризам
Кај секоја патека за планински рекреативен туризам, согласно со меѓународните стандарди за оваа категорија на селективен облик на туризам, се разликуваат следниве составни елементи:
- Газечка површина – претставува, површината преку која што корисникот на патеката (туристот) има директен контакт со подлогата и претставува најважна компонента на секоја патека. Димензиите на газечката површина обично изнесуваат од 80 до 100 цм.
- Простор за движење – претставува, просторот над и околу газечката површина каде што се движат и разминуваат туристите. Димензиите на просторот за движење изнесуваат од 80 до 120 цм во ширина и околу 200 цм во височина.
- Бафер зона, заштитна зона – претставува, просторот од обете страни околу патеката, чија што основна цел е да го намали влијанието на корисниците на патеката врз околината, надвор од просторот за движење. Нејзина примарна цел е заштита на околниот простор. Може да биде природна (вегетација, релјеф и сл) или вештачки креирана (вегетација, огради и сл), зависно од степенот на сензибилност и фрагилитет на одредено подрачје, и бројот на посетители.
- Коридор на патеката – претставува, просторен и функционален збир на сите претходни елементи. Тој претставува, функционална и структурална целина на патеката, и кога се користи терминот ‘‘патека‘‘ како инфраструктурна категорија, се мисли на коридорот на патеката.
Горе наведените димензии се однесуваат главно на патеките за пешачење, меѓутоа истите може да варираат зависно од примарната намена на патеката, односно целната група за која што се подготвува патеката. Така на пример, кај патеките кои примарно се наменети за планински велосипедизам, димензиите на просторот за движење треба да бидат поголеми, а кај патеките за јавање коњи, широчината и височината на просторот за движење треба да бидат уште поголеми.
При одредување на димензиите на патеката, поточно коридорот на патеката, треба да се појде од целната група на корисници за кои што е наменета истата, при што треба да биде задоволен критериумот, просторот за движење да овозможи безбедно разминување на најмалку двајца корисници.
Кај патеките кои се наменети за комбинирана употреба од страна на различни целни групи, се препорачуваат значително поголеми димензии од претходно изнесените, па така според некои американски автори ваквиот тип на патеки треба да имаат минимална широчина од 2,5 метри и височина од 3 метри (‘‘Forest Service Trails Management Handbook‘‘; FSH 2309.18).
Функционални делови на патеките за планински рекреативен туризам
Кај секоја патека се разликуваат два основни функционални дела. Тоа се:
- Почеток на патеката – стартна точка – тоа е местото од каде што вообичаено започнува движењето по патеката.
- Крајна точка – цел на патеката – тоа е местото каде што вообичаено завршува патеката. Кај патеките за планински рекреативен туризам, се разликуваат два вида цели:
– Крајна цел – местото каде што се наоѓа крајната точка – цел, за движење по патеката, и
– Етапна цел – места кои се наоѓаат по должината на патеката, и делот од патеката до нив може да претставува засебна фунцкионална и структурална целина. Етапни цели обично има кај подолгите патеки и патеките кои се минуваат во време од повеќе денови.
Форма – облик на патеките
Обликот на патеката е важен за квалитетот на патувањето што патеката ќе го понуди на одреден туристички простор. При тоа не се мисли на обликот сам по себе како геометриска или просторна форма, туку на поставеноста на патеката на теренот и патувањето што го овозможува.
Се разликуваат неколку основни форми – облици на патеките. Тоа се:
- Облик на петелка. Тое е еден вид кружна патека, кај која што почетната и крајната точка – целта, се наоѓаат на исто место. Патеката според својот генерален облик на поставеност на теренот наликува на петелка.
- Облик на полукруг. Кај ваквиот вид патеки, стартната и целната точка се наоѓаат на една иста комуникациска линија, а според својот облик патеката наликува на полукруг.
- Облик на линија. Кај линеарно поставените патеки, стартот и целта се наоѓаат на различни позиции. Најчесто обликот на линиите е неправилен со помал или поголем број завртувања, што зависи од карактерот на теренот, содржините вдолж патеката и многу други фактори.
- Систем на патеки. Тоа претставува, систем на мрежно поврзани патеки кои заедно претставуваат една единствена функционална целина, пред се во комуникациска смисла, додека пак според техничките параметри и туристичките специфики и содржините, деловите од системот – поедините патеки, се разликуваат еден од друг.
Поделба на патеките според нивната намена
Претходно беше кажано дека, според вообичаениот приод кој се применува кај нас, патеките претставуваат инфраструктурни комуникациски линиии на теренот што поврзуваат две или повеќе точки на одреден простор. Зависно од карактеристиките на патеката, како што е квалитетот на подлогата, наклонот, широчината на просторот за движење и слично, патеките може да се користат за пешачење, за движење со коњи, со велосипед, со запрежна кола, со моторно возило итн.
Според светските стандарди патеките се делат во три основни категории:
– патеки поставени врз земја
– патеки поставени врз снег
– патеки поставени на вода
Оваа поделба првенствено е направена според карактерот на подлогата, која примарно го одредува и начинот на движење по патеката.
Меѓутоа од туризмолошки аспект, патеките се класифицираат според два основни критериуми, а тие се:
– Техничките карактеристики на патеката, како што се нејзината должина, вкупната денивелација што се совладува, просечниот и најголемиот наклон, карактерот на подлогата и сл.
– Туристичките карактеристики на патеката кои произлегуваат делумно од нејзините технички особености, меѓутоа делумно и од други компоненти кои имаат влијание врз туристичката атрактивност на патеката.
Тие други компоненти се: распоредот на одредени историски локации вдолж патеката, квалитетот на пејзажниот простор и панорамите што можат да се уживаат при движење по патеката, богатството и разновидноста на биодиверзитетот, постоење на угостителски и сместувачки објекти вдолж патеката, постоење на излетнички места, степенот на останатата инфраструктурна уреденост, како што се информативни табли и панели, како и други елементи кои имаат важна улога при целокупното доживување што го има посетителот при движење по патеката.
Според техничките карактеристики патеките се делат во неколку основни категории. Тие се:
– патеки кои примарно се наменети за пешачење;
– патеки кои примарно се наменети за планински велосипедизам;
– патеки во карпести предели кои се обработени со метални скали, газишта и сајли (т.н. via ferratta).
– патеки кои примарно се наменети за јавање со коњи;
– патеки за движење со скии (турно или скии за нордиско скијање);
– патеки кои примарно се наменети за движење со моторни возила.
Последната категорија патеки, иако се уште е присутна во голем број туристички центри низ светот (затоа што заради високите такси за движење со моторни возила по нив се обезбедуваат големи финансиски приходи), не ги исполнуваат критериумите за одржлив туризам и во последниве децении постои тенденција за нивно редуцирање.
Горе наведената поделба не смее да се прифати круто, туку само како класификација за примарна намена на одредена патека, бидејќи по една иста патека, зависно од нејзините технички карактеристики, можат да се движат различни категории на корисници.
Така на пример, не значи дека по патеките за планински велосипедизам или за јавање со коњи, не може да се движат и пешаци. Техничките карактеристики на овие видови патеки, овозможуваат движење и на пешаци. Исклучок, е кога заради избегнување на евентуално можните конфликти на интересите помеѓу разните категории на корисници на патеките, се забранува користење за една или повеќе категории посетители. Најчесто, се забранува едновремено користење на патеките за велосипедизам и за јавање со коњи, заради непредвидливите реакции на животните при разминување со велосипедисти.
Последната деценија голема популарност имаат така наречените Via Ferrata патеки, кои во суштина преставуваат уредени патеки на карпа со помошни метални елементи – скалички и клинови, како и челични сајли за осигурување и помош при движењето. Овој вид патеки преставуваат атрактивно мотивациски фактор за посета на одредено место, а во постоечките туристички дестинации даваат значителна додадена вредност на актуелните туристички содржини. Во моментов во Македонија ваков тип на патеки има во НП Маврово, НП Галичица и на планината Јабланица, над Вевчани. За да се креира специјализирана понуда за Via Ferrata туристички активности неопходно е да се зголеми бројот на патеките во микродестинациите каде што веќе се наоѓаат постоечките патеки, но и да се изградат нови Via Ferrata патеки во други дестинациски подрачја. Гледано од cost – benefit аспект за туристичките дестинации, независно дали станува збор за заштитено подрачје, општина или регион, придобивките од овие патеки како туристички содржини во дестинацијата се големи, што може лесно да се види од искуствата во земјите од регионот како Косово, Црна Гора или Босна и Херцеговина.