Guides

Планинска Академија Маврово – институција што гради професии, стандарди и општествена свест

OUR BLOG

Планинска Академија Маврово – институција што гради професии, стандарди и општествена свест

Во време кога во Македонија често зборуваме за развој на туризмот, но ретко зборуваме за систем, стандарди и професии, се роди и израсна Планинска Академија Маврово – првиот акредитиран Центар за образование, наука и истражување во нашата земја за обука на професионални кадри во планинскиот туризам.

За мене и за мојата сопруга Светлана, оваа институција не е само организација. Таа е животен проект. Простор во кој нашето теренско искуство, академска работа и повеќедецениска општествена активност можат да се преточат во знаење што се пренесува понатаму – системски, одговорно и со јасна визија. 

Повеќе од организација – институционализација на професијата

Во изминатите децении, во рамки на Планинска Академија Маврово, како и преку Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина (МАИВП), беа воспоставени и институционализирани професии што претходно практично не постоеја во националниот систем:

  • професијата Интернационален планински лидер (UIMLA IML)
  • професијата Водич за турно и слободно скијање
  • професијата Спасител на пристапен планински терен и падини за скијање

Сите три професии денес се влезени во националниот регистар на дејности. За сите три, Планинска Академија има државна акредитација.
А за програмата за Интернационален планински лидер – Академијата поседува и акредитација од UIMLA, што претставува исклучителна реткост не само во Западен Балкан, туку и пошироко.

Ова не е административен успех. Ова е создавање систем таму каде што претходно имаше само добра волја и индивидуални напори. 

Пионерството како товар и одговорност

Секој пионерски процес носи предизвици. Во средини со недоразвиена регулатива, со нејасно дефинирани стандарди и во општество кое предолго живее во незавршена транзиција, воспоставувањето на ред, квалитет и мерливи критериуми е сложена задача.

Од една страна, мораме да се справуваме со појавата на „лажни професионалци“ – со кампањски, плагијаторски и волунтаристички пристапи кои краткорочно можеби носат лична или организациска корист, но долгорочно нанесуваат штета врз интелектуалниот пристап кон авантуристичкиот туризам, врз безбедноста на клиентите, но и за позиционирањето на Македонија како сериозна и респектирана планинска дестинација.

Од друга страна, постои и еден потивок, но подеднакво важен предизвик – разбирањето и од блиската околина дека системот, стандардот и професијата не се нешто што „природно постоело“, туку нешто што е создадено со огромен личен напор, жртва и долгорочна визија.

Без личниот ангажман – без времето, енергијата и откажувањата во семејството  Планинска Академија немаше да постои. Ниту овие професии ќе беа институционално препознаени. Ниту ќе постоеше јасна образовна вертикала за развој на планински професионалци во земјава. Во иднина можеби, но во моментов сигурно не. 

Признавањето на квалитетот како општествена вредност

Во изминатите 35 години активно сме вклучени во развојот на алпинизмот, планинарството, авантуристичкиот туризам и создавањето генерации професионалци. Благодарни сме за јавно изразените признанија од нашите ученици од Косово, Албанија, Грција, како и од колегите од туристичкиот сектор. 

Но вистинското прашање не е личното признание.

Вистинското прашање е: Дали како општество сме подготвени да го препознаеме и јавно да го валоризираме квалитетот?

Признавањето на вложениот труд, направената жртва и постигнатиот резултат не е чин на ласкање. Тоа е темел на зрела заедница. Кога квалитетот станува критериум, тогаш се гради доверба, систем, континуитет и долгорочна стабилност.

Без висока општествена свест не може да постои добро организирано општество. А без култура на признавање на квалитетот – не може да постои вистински напредок.

Работа до крајот на животот – како обврска, не како амбиција

Планинска Академија Маврово за мене не е завршен проект. Таа е процес. Простор каде што знаењето од теренот и академската работа се спојуваат во одговорна професионална култура.

Сакам да работам во оваа институција до крајот на својот живот. Не заради титули, ниту заради споменици. Тие, како семејство Циривири, одамна ги имаме преку делото на нашите предци.

Туку заради една едноставна, но суштинска идеја: Да придонесеме квалитетот да стане норма на однесување.

Чекор по чекор. Генерација по генерација.
Со свест дека човештвото – па и нашето општество – може и мора да се движи кон подобра верзија од себе.

Планинска Академија Маврово не е само образовна институција.
Таа е обид за поставување стандарди.
Обид за воспоставување професионална култура.

И обид за градење повисока општествена свест – преку планината, знаењето и одговорноста.