Guides

ПЛАНИНСКИ ТУРИЗАМ И НЕГОВАТА УСЛОВЕНОСТ ОД ПОСТОЕЊЕ НА СООДВЕТНИ РЕЦЕПТИВНИ ФАКТОРИ ВО ДЕСТИНАЦИСКИОТ ПРОСТОР

OUR BLOG

Според податоците на Светската туристичка организација – UNWTO (United Nations World Touristic Organisation) повеќе од 51% од вкупниот промет во туристичката индустрија се остварува во делот на рекреативниот туризам. Најпосакувани туристички дестинации на светскиот пазар се земји и региони кои претходно не биле туристички афирмирани и каде што постои одличен спој помеѓу природните вредности, културните вредности, гастрономијата и останатите форми на туристичка понуда, атрактивна за современиот европски и светски турист. Многу важен момент е еколошката интактност на регионите, особено постоењето на услови за развивање на “еко” и “био” туризам.

 Рекреативниот туризам опфаќа рекреативни туристички активности при што рекреацијата не претставува единствена форма на туристичка содржина и активност, туку истата се комбинира со други видови и содржини од туристичката понуда, формирајќи различни типови на туристички производи. Планинскиот туризам преставува селективна форма на активен туризам, при што туристичките процеси се одвиваат на планина и тие најчесто во својата структура содржат рекреативни или спортски активности на планина како главна активност, комбинирана со други, комплементарни содржини, кои нудат локални искуства или посета на културни и природни локалитети.

Планинскиот туризам се наоѓа на второ место, веднаш после приморскиот туризам, според бројноста на туристичкиот промет и остварените приходи (FAO 2005). Просечната стапка на годишен економски пораст во планинскиот туризам изнесува околу 20%, со варијации во различни региони на светот од 10 до 30% (World Resources Institute).

На планинскиот туризам отпаѓа помеѓу 9 и 16% од меѓународните туристички патувања ширум светот, што изразено во бројки за 2019 година се движи помеѓу 195 и 375 милиони туристи. Недостигот на податоци поврзани со домашниот планински туризам го отежнува, па дури ги прави и невозможни економските, социјалните и еколошките проценки и влијанија на овој важен туристички сегмент (UNWTO 2022).

Активностите како што се скијањето, кајакарењето, рекреативното и спортското пливање, пешачењето, планинарењето, планинскиот велосипедизам, качувањето по карпи, турно скијање, набљудувањето на дивиот свет, риболовот и останатите форми на ‘‘non-consumptive‘‘ рекреативните активности, се во постојан и многу висок пораст.

Според податоците на Светската туристичка организација од 2017 година, планините биле дом на околу 1,1 милијарда луѓе, што претставува околу 15% од глобалното население. Планините се исто така меѓу најкревките екосистеми, кои се под закана од климатските промени и прекумерната експлоатација (Understanding and Quantifying Mountain Tourism, 2023; World Tourism Organization – UNWTO).

Кога туризмот се управува на одржлив начин, тој се покажал како спас за многу заедници во планинските региони и може да игра водечка улога во заштитата на кревките планински екосистеми. Ова е од особено значење за актуелните демографски трендови во речиси сите планински региони во Македонија.

Многу планински дестинации покажаа посебна отпорност за време на пандемијата, бидејќи посетителите бараа помалку посетени дестинации и искуства на отворено, во услови на глобални заклучувања. Во исто време, другите планински дестинации со традиционално поголем туристички промет страдаа од недостатокот на посетители што влијаеше на нивните економии и егзистенцијата на локалните заедници.

Како што туристичкиот сектор се опоравува од невиденото влијание на пандемијата КОВИД-19, постои можност да се преиспита планинскиот туризам и неговото влијание кон поотпорна, инклузивна и одржлива иднина за планините и локалните заедници.

Една од препораките што произлегуваат од извештајот за 2021 година (Mountain tourism – Towards a more sustainable path by the Mountain Partnership and UNWTO) ја истакна потребата за подобрување на мерењето и следењето на влијанието на туризмот во планините, ставајќи посебен акцент на недостатокот на податоци за квантифицирање на планинскиот туризам во регионално и глобално ниво.

Опсегот покажува разлики помеѓу одредени региони и земји. Во земјите каде што планинскиот туризам е примарна мотивација за посета и каде што има поголема туристичка концентрација и специјализирана понуда на производи, нивното учество е поголемо во вкупниот меѓународен туризам.

Во другите дестинации, каде што има планински масиви но постојат и други форми на туристичка понуда која што е добро позиционирана на пазарот, уделот на планинскиот туризам во вкупниот туристички промет е помал поради поразновидна туристичка понуда или прераната фаза на развој на планинскиот туризам, како што е случајот со Македонија

Планинските економии најмногу се потпираат на земјоделството, шумарството и туризмот. Планинскиот туризам е поттикнат од човековата потреба да истражува на отворено и да се доживее природата во уникатни услови. Во споредба со другите непланински дестинации, природните атракции и привлечната клима во планините обезбедуваат идеални услови за туризам во текот на целата година, правејќи го секторот – планинскиот туризам, клучен фактор за одржлив економски развој во планинските региони.

Кога добро се управува, одржливиот планински туризам може да генерира важни можности за егзистенција на локалните заедници со што се обезбедува социо-економски развој на дестинацијата и социјална вклученост на локалните заедници. Улогата на локалните заедници е клучна за зачувување на пејзажот и биолошката разновидност на планините. Планинскиот туризам, преку досегашните искуства покажа дека тој може да помогне да се зачува природното, културното и духовното наследство на планинските региони, да се промовираат локални занаети, храна и да се слават традиционалните настани како што се локални фестивали, собири, активности и сл. Сепак, планинскиот туризам исто така претставува значителен предизвик во однос на соодветно планирање и управување со протокот на посетители.

Имајќи предвид тесната врска помеѓу туризмот и планините – неговите можности и предизвици – UNWTO и Mountain Partnership долго време соработуваат за да го унапредат придонесот на туристичкиот сектор во Агендата 2030 и целите на одржливиот развој. Оваа соработка е засилена со Меморандумот за разбирање меѓу UNWTO и ФАО од 2020 година и неколку заеднички активности кои се спроведени во периодот после тоа.

Како резултат на извештајот, Mountain Partnership и UNWTO ги препорачаа следните активности – насоки за развој на одржлив планински туризам:

  1. Во планинските региони да се ​​промовираат туристички активности кои имаат мало влијание взрз климатските промени;
  2. Развојот на туризмот во дестинациите да биде во линија со капацитетот на дестинацискиот простор за прием и сервисирање на туристите, како и со локалните капацитети за управување со произведениот отпад;
  3. Локалните заедници треба да бидат овластени да имаат водечка улога во развојот на планинскиот туризам;
  4. Зајакнување на јавно-приватните партнерства за иновации и развој на туристички понуди во текот на целата година; и
  5. Инвестирање во инфраструктурата која што е неопходна за развој на туристичките производи, како и инвестиции во дигитализацијата на туристичките услуги.

 

Tуристички рецептивни фактори

 Туристичките фактори претставуваат комплекс на влијанија кои ги определуваат квантитативните и квалитативните карактеристики на туризмот, вклучувајќи го и туристичкиот развој. Туристичките фактори го креираат целиот процес на туристичката активност, почнувајќи од појавата на туристичката потреба се до нејзиното задоволување.

Поедноставно кажано, туристичките фактори го овозможуваат појавувањето на туризмот како дејност, но исто така го условуваат и неговиот развој.

Примарното значење на факторите во туризмот е практично, да помогнат во развојот на туризмот, преку нивна селекција, унапредување и користење на позитивно делувачките фактори, од една страна, и корекција или анулирање на негативно делувачките фактори од друга страна.

Доколку се земе во предвид дека врз развојот на туризмот делуваат поголем број фактори, неопходно е нивно диференцирање и групирање заради подобро разбирање на нивното значење и ефективно операционализирање на нивната улога во развојот на туризмот.

Факторите во туризмот може да бидат диференцирани според различни критериуми, меѓу кои спаѓаат: нивното значење за туризмот, влијанието што го имаат врз туризмот, трајноста во делувањето, просторната големина во делувањето, сферата на делување во туристичкиот сектор и слично.

Кога станува збор за развој на одреден дестинациски простор во насока на комплетно организиран функционален систем, кој во туризмологијата се нарекува туристичка дестинација, посебно значење имаат две групи на фактори. Тоа се: атрактивно мотивациските фактори и рецептивните фактори.

Според туризмолошките дефиниции рецептивните фактори претставуваат фактори од кои зависи приемот на туристите, и кои може да се поделат во три подгрупи, а тоа се:

– фактори кои во себе опфаќаат сместување на туристите;

– фактори кои овозможуваат здоволување на туристичките потреби;

– фактори кои влијаат врз испраќањето на туристите од туристичкиот простор.

Практичното значење на рецептивните фактори за туристичкиот промет, е во тоа што овозможуваат поефективно искористување на атрактивно – мотивациските вредности на одреден туристички простор, кое што само по себе нема значење само за туристичкиот промет, туку и за севкупниот развој на просторот како туристичка дестинација.

Доколку се анализираат од функционален аспект, рецептивните фактори учествуваат во задоволување на примарните и на специфичните туристички потреби, практично од нив зависи речиси целокупниот ефект од конзумирањето на одреден туристички производ, или услугите и содржините, во рамките на одреден туристички простор.