Guides

ПРАВИЛНО ДВИЖЕЊЕ НА ПЛАНИНА

OUR BLOG

Секој човек добро знае дека при движењето низ градот, во сообраќајот постојат одредени правила. Сите знаеме дека улицата ја минуваме на пешачки премин, на крстосницата со семафори минуваме само на зелен сигнал, запираме онаму каде што има знак стоп за задолжително запирање и.т.н. И на планина има исто така правила и прописи за безбедно движење. И овде правилата и прописите се со цел да се заштитат, од една страна луѓето – планинарите, клиентите, туристите, а од друга страна, планината и нејзиниот нежив и жив свет.

Кои се тие правила што треба да се почитуваат?

Тоа се законите на природата и планината, кои се посилни од човекот и доколку сакаме безбедно и успешно да се движиме на планината, и секоја тура да ја реализираме безбедно на задоволство на клиентите кои ни ја довериле довербата, секако и на наше задовлство, треба овие правила да се почитуваат.

Што значи правилно движење на планина?

Правилата за движење на планина можеме да ги поделиме во неколку категории:

  1. Правилно пешачење.
  2. Правилен режим на движење и одмор.
  3. Правилно земање вода и храна за време на движењето.
  4. Правилен избор на облека при движењето.
  5. Правилен избор на патот по кој ќе се движиме.
  6. Правила на однесување при движење во група за време на планинска тура.
Правилно пешачење.

Да го разгледаме најпрвин правилното пешачење. Дали знаете дека во пешачењето учествуваат вкупно 54 различни мускули? Што ќе се случи доколку овие мускули не работат како што треба, меѓусебно поврзани и усогласени?

Тоа можеме да го споредиме со луѓе кои веслаат на некој голем чамец, и нивниот број е 54. Доколку сите овие 54 луѓе работат неповрзано меѓу себе, чамецот или ќе се врти во круг или нема да стигне кон саканата цел. Од друга страна пак, доколку овие 54 веслачи се меѓусебе добро организирани и веслаат со усогласен ритам, тогаш чамецот ќе се движи со голема брзина и непогрешив правец.

Истото се случува и во нашиот организам при пешачењето. Доколку со нашиот ум успееме да воспоставиме равнотежа врз сите делови од телото што се вклучени во активноста, ниту еден дел нема да биде преоптеретен, а нашиот организам ќе се движи брзо и полетно.

Затоа треба да се обрне внимание на тоа како се движиме, како ги преместуваме нозете, како го држиме телото, како ги држиме рацете. Движејќи се низ градот современиот човек заборавил дека сите овие работи се многу важни за економично движење низ природата. Првиот половина час до час од секоја планинарска тура, потребно е да се воспостави правилен ритам на работа на сите делови од твоето тело. Не треба да се избрзува со чекорот, да се напрега телото повеќе од тоа што оно може во тој момент да поднесе. При искачувањето  нагорнини треба да се избегнуваат големи чекори, бидејки на тој начин оптеретувањето на нозете е поголемо а нивната ефикасност е помала. Нема логика за една иста работа да се потроши повеќе енергија ако може истата да се заврши со помалку.

При симнувањето треба да се има во предвид дека нозете трпат големи напори, особено зглобовите на колената, а големо е оптеретувањето и на рбетниот столб. Воедно, при симнувањето поголеми се можностите за повреди. Тоа е од неколку причини – прво, самото симнување предизвикува посилни удари врз нозете и врз целото тело и второ и најважно, обично симнувањето доаѓа при крајот од планинската тура кога телото е повеќе исцрпено, а во таква состојба поголема е можноста од повреди.

Ова не значи дека при симнувањето телото троши повеќе енергија одошто при качувањето, бидејќи тоа не би било согласно со сите закони на физиката. Кога одиме нагоре трошиме повеќе енергија одошто кога се симнуваме надолу, но оптеретувањата што ги трпат поедини делови од телото при симнувањето се поголеми.

Секогаш при пешачењето на планина треба меко да газиме и тежината да ја пренесуваме врз целото стопало. На тој начин ударите врз нозете и телото ќе бидат помали, а и заморот ќе биде помал.

Правилен режим на движење и одмор

Режимот на движење зависи од повеќе околности. Врз режимот влијае тоа дали се движиме сами или во група, колкав терет носиме во ранецот, колку е долга планираната тура, какви се временските прилики и сл.

Поединците и малите групи се побрзи од големите групи. Големите групи составени од клиенти со различно фитнес ниво се најбавни. Овие податоци треба да се земат во предвид при планирањето на турата и при предвидувањето на времето што ќе биде потребно да се реализира истата.

Има одредени правила кои се однесуваат на најголемите растојанија што можат да се изминат во текот не еден ден, како и на висинската разлика што се качува или симнува. Секако дека тоа се само генерални препораки, а конечното дефинирање на должината и висинската разлика што се совладува при една тура ќе зависи пред се од фитнес нивото на клиентите, но секако и од логистичките параметри на една тура – растојание од почетната до крајната точка, достигнвуање до местото за сместување, храна или транспорт и сл.

Во врска со растојанијата, правилата велат дека просечно подготвени планинари, кои рекреативно се занимаваат со планинарење, не треба да пешачат повеќе од 8 часа во текот на еден ден и да не минуваат повеќе од 30 километри. Ова се разбира дека не важи за професионалните водичи кои се тренирани да поднесат многу големи оптоварувања. Но препорачливо е при турите со клиенти дневните етапи да не бидат подолги од 25 километри.

Што се однесува пак до висинската разлика, препорачливо е дневно да се качуваат најмногу до 1500 висински метри или оптимално не повеќе од 1000 метри. Но ова секако зависи од подготвеноста на клиентите, нивните желби, амбиции и слично. Во принцип физичките параметри на една тура го дефинираат карактерот на туристичкиот производ, која пак е наменет за одредена целна група.  Брзината на кревањето на висината треба да биде таква за да не се качуваат повеќе од 400 висински метри на час. При симнувањето, не треба да се симнуваат повеќе од 800 метри на час. И овие податоци не важат за професионалните водичи кога прават индивидуален тренинг.

Правилно земање вода и храна за време на движењето.

На кои работи треба да обрнеме внимание за да имаме правилно внесување на вода и храна за време на движењето? Дали и колку можеме да земаме вода и храна додека нашиот организам се наоѓа во напорот на движењето?

Додека сме во напорно движење во нашето тело се случуваат два процеса кои влијаат врз режимот на земање вода и храна.

Прво, заради напорот самиот по себе организмот троши големи количини енергија. Таа енергија треба да се надокнади, а тоа се прави преку храната. Значи треба да земеме храна. Но колку храна, каква храна, и кога? Одговорот ќе следи во продолжение.

Вториот процес – за време на напорот најголемиот дел од крвта тече низ мускулите. Значи во органите за варење имаме малку крв. Ако во ваква состојба нив ги оптеретиме со многу храна, што ќе се случи? Ќе се случи следново: храната нема да се свари правилно, а при тоа органите за варење на  мускулите ќе им одземат дел од крвта која течела низ нив и која била важна за нивната работа.

Што да направиме за да не се случи ова?

За да ги избегнеме овие непријатности, кои потсетуваат на чамецот со 54 веслачи кои не работат поврзано меѓу себе, ќе се придржуваме кон следниве правила. Тие правила велат:

– За време на движењето, храна се зема само тогаш кога ќе направиме мала пауза, одмор.

– За време на ваквите одмори се внесуваат мали количини храна, со мали залаци и по можност во течна форма.

– Храната што ќе ја земаме треба да биде лесно сварлива, а да даде доволно енергија. Каква е таа храна ќе биде објаснето подетално во поглавјето за исхрана, а овде ќе напоменеме само дека изборот е широк и зависи во голема мерка од индивиуалните афинитети. Овде спаѓаат свежото или сувото овошје, енергетските барсови, чоколадото, енергетски гелови, кекси и сл.

Да видиме сега како да го регулираме режимот на внесување на течности. При движењето телото губи големи количини вода. Водата ја губиме преку потењето.

Потењето постои заради регулирање на телесната температура. При напорот се зголемува температурата во телото и тоа мора да се лади. Ладењето настанува со потењето. Кога потта ќе испари од површината на телото, она  ја намалува неговата температура, значи го лади. Испарувањето на водата доведува до губиток на вода од организмот, а тоа до жед.

Но дали е жедта сама по себе страшна?

Сама по себе она не е страшна. Ќе ни прави малку или повеќе непријатно чувство и тоа е се. Но има еден друг многу голем проблем. Жедта, како што видовме претходно, значи дека на организмот му недостасува вода. Оваа загуба на вода најмногу ќе се одрази врз крвта, така што ќе се намали волуменот на крвта. Сега кога се намалил волуменот на крвта, мускулите кои имаат голема потреба од крв за време на напорот, ќе страдаат и нема да можат добро да си ја вршат својата работа. После некое време, намалувањето на волуменот на крвта ќе се одрази и врз работата на мозокот, па повторно имаме ситуација на 54 веслачи кои не работат меѓусебно поврзано.

Па сега се наметнува истото прашање како и претходно. Како, кога и колку вода, односно течности да земаме?

Правилата велат:

– Течностите ќе се земаат за време на одморите при движењето, неколку минути откако ќе запреме, кога ќе почувствуваме дека се смирила работата на срцето. Ќе испиеме неколку голтки и ќе направиме мала пауза. Не треба да очекуваме дека со пиењето ќе ја елиминираме жедта. Жедта е чувство и тоа може да се контролира. Кога пиеш жеден на планина, имај во предви дека пиеш за да му овозможиш на твоето тело правилно да работи, а не да уживаш во добрите вкусови. После малата пауза повторно пиеме уште неколку голтки вода.

– Течностите се земаат и за време на движењето, но во мали количини. Пред да ја голтнеме водата можеме да ја задржиме малку во устата, за да ни ги навлажи усната празнина и грлото. Со развојот на опремата и појавата на така наречените camel bag „садови“ за вода, режимот на внесување течности не мора воопшто да биде поврзан со ритамот на движење и организацијата на паузите за одмор.

– Чаевите, соковите и мешавините за рехидратација се многу подобри за обновување на течностите во организмот одошто чистата вода. Со нив покрај вода, во организмот внесуваме и минерали и шеќери. При потењето заедно со водата губиме и минерали, а шеќерите се храна која се претвора во енергија.

Правилен избор на облека при движењето.

Во продолжение ќе зборуваме за облеката што ја носиме на нашето тело додека се движиме, а не за облеката што ја носиме како дел од опремата во нашиот ранец.

Првенствена улога на облеката што ја носиме на планина не е да биде модерна, туку да си ја оствари својата функција. Која е нејзината функција?

Облеката има за задача да го штити телото од студ, од сонцето, од гребнатини и слични повреди, но и да овозможи правилно ладење на телото и испарување на потта од површината на телото.

Како да се облечеме?

И тука постојат правила. Тие велат:

– При движење на себе имаме што е можно помалку облека. При тоа треба да има равнотежа помеѓу ладењето на телото заради ветрот и другите надворешни влијанија, и неговото загревање заради напорот и движењето.

– Врз себе имаме онолку облека колку што е потребно за да не ни студи и да не не пробива ветрот. Но не треба да се облечеме ниту премногу па да ни биде жешко и прекумерно да се потиме.

– Зимно време не смееме да се движиме со дебела облека врз себе или со тешка јакна, доколку температурните услови тоа не го бараат. Да се потсетиме на предупредувањето што го кажавме во делот од оваа книга каде што зборувавме за опремата, при што рековме дека термо јакните се користат при стоење во место или при ноќевање, а не и при движење. При движење телото создава топлина, најчесто доволно за да се загрее на повеќе од вообичаената температура, па дури и при ниски температури. Најважно е да го заштитиме телото од ветрот кој може да биде опасен. Подебели јакни и дебела облека ставаме врз себе само при премногу ниски температури и при многу силен ветер, кога производството на топлината во телото преку движењето не е доволно да го загрее телото, наспроти силното ладење од страна на ветрот и ниската температура во воздухот.

– Неколку слоеви тенка облека штитат повеќе одошто едно дебело парче облека. Две потенки блузи се подобри од еден дебел џемпер. Покрај тоа тие се полесни и за пакување во ранецот.

– Испотената облека не ја менуваме на секое застанување, туку само при долгите паузи кога ќе почувствуваме дека потта ни го лади телото. Во спротивно ќе ни треба еден вагон резервна облека. Современите материјали од кои што се произведува облеката се хидрофобни, односно не ја врзуваат за себе водата, па затоа за кратко време се сушат од топлината на телото и сончевите зрази.

Правилен избор на патеката по која ќе се движиме.

Кога тргнуваме на некоја тура на планина обично знаеме најмалку три работи. Тоа се следниве: Од каде ќе го започнеме нашето движење, каде сакаме да стигнеме, и по која патека или правец ќе се движиме.

Како изгледаат планинските патеки?

Планинската патека претставува комуникациска линија во планинскиот простор и движењето по неа во голема мерка се разликува од движењето по патеките или патиштата во урбаните средини. не е пат во онаа смисла на зборот на која сме навикнале во секојдневниот живот. Планинската патека некогаш може да биде избраздена во теренот на планината со јасно забележлива газечка површина и коридор на патеката, но некогаш може да биде само замислена линија преку некоја планинска падина или пасиште. Низ шумскиот предел обично патеките се јасно видливи, но и тоа не мора да биде правило, бидејќи доколку една патека не се користела долго време таа може да биде покриена со лисја или вегетација и да не биде јасно впечатлива. Од друга страна, во услови на снег патеките не се гледаат, а заради лавинската опасност често движењето е по сосема друг дел од планината, во одонос на летните патеки. Но, и во зимски услови на заснежени падини се зборува за планински патеки.

Правилното движење на планина и правилниот избор на вистинската патека се должи пред се на добрата обученост на водичот да ги препознава сите знаци на планината. Тие знаци можат да бидат: релјефот на планината, карактеристични објекти, планинарски маркации, патеките сами по себе, извори и др, или пак правилно да ги употребува алатките за навигација.

Кога се движиме на непознат терен тогаш се држиме строго до планинарските маркации, или ако нив ги нема, будно ги следиме знаците од топографските карти, информациите од компасот или линијата од ГПС уредот.

Постојат неколку правила при изборот на патот по кој сакаме да се движиме. Тие правила меѓу другото велат:

– При движењето на планина ја одбираме онаа патека за која сме сигурни дека ќе не одведе до саканото место, или онаа патека која ја има соодветната маркација.

– Изборот на патеката зависи од временските прилики. Зимно време ги одбегнуваме лавинските терени и терените изложени на силен ветер. При опасност од невреме ги избегнуваме гребените, врвовите и другите места кои можат да бидат изложени на громови.

– При движење на непозната патека при средба со други посетители, колеги водичи, планинари или луѓе од месното население, пожелно е да се побараат информации за патот и покрај тоа што до тој момент не сме имале никаков проблем со ориентацијата.

– При движење на непознат терен, доколку се случи да ја загубиме правилната линија на движење треба да се вратиме назад по истиот пат, до последната маркациска точка или место за коешто сме сигурни за неговата локација и тука да се обидеме да ја дефинираме насоката за движење и вистинскиот пат. Истото го правиме и при залутување во шума, во магла и сл. Се враќаме до онаа точка за која сме сигурни дека е на правиот пат и од таму се обидуваме да се ориентираме правилно.

– При стемнување и намалена видливост заради магла и други околности, треба да  го користиме главниот пат и да ги избегнуваме кратенките. По нив лесно можеме да залутаме па дури и на познат терен. Истото важи и за услови кога сме премногу исцрпени.

– При движење на заснежен и подмрзнат терен, таму каде што постои опасност од подлизнување, задолжително треба да користиме дерези и цепин. Доколку треба да запреме за кратко и да почекаме некого од групата, или да извадиме нешто од ранецот, тоа го правиме на безбедни места каде што нема опасност од подлизнување, најчесто некое оголено место под снегот, карпа или копаме платформа за стоење или седење.

Правила при водење група

Движењето во група се разликува од движењето на поединците. Во група со клиенти секој од клиентите треба да се чувствува безбедно и да биде уверен во компетенциите на водичот и неговата грижа кон припадниците во групата. Една од најважните задачи на водичот е да креира атмосфера на заеднички дух, сложност и помагање.

На планина луѓето заминуваат со различни мотиви од спортски до духовни, но најважно од се е по враќањето од планина клиентите да имаат искуство повеќе за пријателството. Тоа е највредниот придонес на професионалниот водич кон туристичкиот производ. Важен дел од обуката на водичот е да знае да ги препознава потребите на секој клиент, член во групата и кон истите да приоѓа како кон потреби на групата.

Инаку брзината на движење на групата треба да биде прилагодена според најбавниот член во групата. Ритамот на движење и распоредот на паузите – застанувањата треба да бидат прилагодени според можностите и потребите на групата. Измените во планираната маршрута треба да им бидат навремено и соодветно предочени на клиентите. Кај поголемите групи од 12 до 14 клиенти, на крајот од групата треба да има втор водич така наречен tail guide.