Guides

ПРОМОЦИЈА И ПРОДАЖБА НА ПРОИЗВОДИТЕ ВО АВАНТУРИСТИЧКИОТ ТУРИЗАМ

OUR BLOG

Суштината на авантуристичкиот туризам се доживувањата и новите искуства кое што ја дефинира рамката на промоцијата на производите и нивниот пласман на пазарот. Современите технологии имаат огромен импакт врз промоцијата и продажбата.

Основа на успешната промоција и продажба на туристичките производи е нивно комплетно и квалитетно создавање. Само добро дизајниран производ и систематски изграден може да предизвика внимание на пазарот, а потоа, зависно од соодносот цена/квалитет, односно „вредност за пари“, и одредено ниво на продажба. Безпредметно е да се спроведува промоција на некомплетни производи бидејќи тоа ќе донесе многу повеќе штета отколку позитивен ефект за дестинацијата.

Бидејќи авантуристичкиот туризам почива на доживувања и искуства, целокупноста на авантуристичкиот производ е именувана и како „универзум на производот“ кое што ја преставува целокупната перцепција што ја имаат туристите за производот вклучувајќи ги сите дразби и искуства – визуелен имиџ, бои, амбиент, географско и физичко опкружување, атмосфера, мириси, музички сензации, човечки односи и сл.

Основна промотивна структура

Пред да се започне со промоција и пласман на туристичкиот производ треба да се познава „анатомијата“ (структурата, градбата) на туристичкиот производ и закономерностите што владеат на туристичкиот пазар.

За туристичкиот производ може да се каже дека опфаќа пакет на услуги, активности и збиднувања кои ги задоволуваат очекувањата на посетителите и нивната мотивација за да дојдат во некоја дестинација. Туристичкиот производ претставува збир на различни предности, добра и услуги кои служат за задоволување на потребите на туристите за време на патувањето и престојот во земјата.

 При креирање на концептите за приод и дефиниција кон туристичкиот производ треба да се има во предвид дека пред патувањето туристите имаат очекувања, а после патувањето имаат сеќавања. Избалансираниот сооднос помеѓу очекувањата и доживувањата е главната цел кон која што треба да бидат насочени сите елементи на туристичкиот производ.

Доколку се земе во предвид дека туристичкиот производ преставува збир на сите искуства што ги има туристот за време на патувањето, од неговото заминување од дома, па се до моментот на враќањето, станува јасно дека добро изградениот туристички производ треба да ги содржи прецизно разработени сите детали на патувањето и за секоја фаза од патувањето да понуди не само добро составен план за спроведување на процесот, туку да бидат предвидени и алтернативни решенија за секоја од фазите на процесот. Туристичкото доживување започнува уште пред да започне патувањето и трае долго по завршување на патувањето.

При практичниот пристап кон креирањерто на туристичките производи треба да се има во предвид дека основната цел на туристичкиот производ е задоволување на потребите на потрошувачите – туристите. За време на туристичкиот процес, особено важно на крајот на процесот, клиентот треба да има чувство на задоволство и корист од користење на производот, односно услугата.

За правилен пристап кон поимот туристички производ и за реален практичен приод при нивното креирање, добро е да се започне со барање одговор на прашањата:

  • Зошто туристите доаѓаат кај нас и какви потреби очекуваат да задоволат со патувањето?
  • Дали суштината на патувањето е задоволување на некоја туристичка потреба или пак главниот мотив за патувањето е нешто друго?

 

Во основа постојат три генерални приоди при објаснувањето на суштината на туристичкиот производ, кои можат ефикасно да се применуваат при практичното користење на формулите – дефинициите.

Според еден приод, туристичкиот производ е составен од три основни категории – компоненти. Тоа се:

  1. Парцијален туристички производ од материјална природа, во кои што спаѓаат сите материјални компононенти на туристичкиот производ (храната, сместувањето, превозните средства).
  2. Парцијален туристички производ од нематеријална природа, каде што спаѓаат сите нематеријални компоненти на туристичкиот производ (услугите на пример).
  3. Парцијален туристички квази производ што го сочинуваат посебните елементи на производот кои му даваат уникатност и специфичност.
Структура на туристичкиот производ

Вториот приод во дефинирањето на туристичкиот производ препознава седум компоненти во структурата на производот. Тоа се:

  1. Атракции – атрактивно – мотивациските фактори се основниот предуслов за да постои интерес за патување во одреден дестинациски простор.
  2. Пристап – квалитетот на пристапот кон дестинацијата го одредува квалитетот на туристичката дестинација. Добрата сообраќајна поврзаност (патишта, аеродроми, редовни линии) ги зголемува можностите за туристичка експлоатација на одреден простор, условувајќи поголема посетеност, поедноставно оперирање и пониски цени.
  3. Содржини – туристичките содржини ја даваат смислата на престојот во дестинацијата. Тоа се културно историските споменици, музеи, шеталишта, планински патеки, настани, излетнички активности и сл.
  4. Храна – гастрономските доживувања се важен дел од новите искуства кои пак од своја страна се во суштината на потребата за патување. Нашата храна во себе содржи цивилизациски вредности од различни периоди и култури и преставува многу важен дел од вкупните доживувања на туристот и “unique” елемент на нашиот туристички производ.
  5. Сместување – квалитетот на сместувањето е важно за креирање квалитетен туристички производ, но поимот квалитетно сместување не треба по автоматизам да насочува кон луксузно сместување од четири или пет ѕвезди. Автентичноста на сместувањето, посебно ако е во традиционални услови или со елементи на локалната традиција и култура, значително ја крева атрактивноста на туристичкиот производ. Основни критериуми што треба да бидат задоволени кај сместувањето се хигиена, пријатност и љубезни домаќини.
  6. Услуги – услугата има најважно место кога станува збор за квалитетот на туристичките производи. Квалитетот на услугата има значително влијание врз конечната вредност на туристичкиот производ и може да компензира недостатоци во останатите сегменти на производот или да ги девалвира врвните вредности на другите субкомпоненти.
  7. Цена – цената на туристичкиот производ е еден од најважните атрибути од кои што зависи пазарната перспектива на производот. Методологијата на формирањето на цените зависи од стратегијата за пазарниот настап. Треба да се има во предвид универзалното правило применливо за секој производ – “вредност за пари“.
Седумте компоненти кои ја сочинуваат целината на туристичкиот производ

Третиот приод во дефинирањето на туристичкиот производ е повеќе теоретски и го одсликува туристичкиот производ од аспект на неговата структура. Според овој приод туристичкиот производ се состои од:

  1. Туристичка супраструктура – ја сочинува инфраструктурата која е наменета исклучиво за туристичка експлоатација, како што се хотели, ресторани, музеи, археолошки локалитети…
  2. Природни ресурси и социо – економски атракции се атракциите кои ги привлекуваат туристите во дестинацијата и истите можат да бидат од природно или антропогено потекло (изградени од човекот).
  3. Афективно – психолошки специфики се уникатните карактеристики на туристичкиот производ како што е енедемичен биодиверзитет, специфична архитектура, гастрономски карактеристики и сл.
Структура на туристичкиот производ според туристичката надградба, природните ресурси и афекционо психолошките особености

При дизајнирањето на производите треба да се земе во предвид моментот на сеопфатност на елементи и доживувања со ставање акцент на елементите што обезбедуваат компетитивна предност. Доколку ова го рефлектираме на синџирот на вредности во туризмот, доаѓаме до почетната основа – базата за квалитетни производи и квалитетен менаџмент со туристичките дестинации, а тоа е препознавање на стандардите за квалитет и менаџмент со квалитетот, првенствено општо, а потоа и во туристичкиот сектор и секако во авантуристичкиот туризам.

Доколку постои препознавање на квалитетот, полесно ќе се препознаат адекватните стандарди потребни за развој на дестинацијата и компетенциите што се потребни, како на ниво на човечките ресурси, така и на дестинациско ниво.

Квалитетните производи многу полесно се промовираат на пазарот и доколку се правилно валоризирани, според структура (целна група) и цена (вредност за пари) можностите за успешен пласман се многу поголеми.

Препознавање на важноста на менаџментот со квалитет е појдовна и неопходна основа за развој на авантуристичкиот туризам

Ефектите што ќе ги постигне туристичкиот производ на пазарот се условени од две категории на критериуми:

  1. „Критериуми на употреба“ (criteria of use) – реалната структура и вредност на производот.
  2. „Критериуми на сигнал“ (criteria of signal) – начинот на кој што се доживува производот од страна на потрошувачите (имиџ, репутација, пазарен удел – market share, традиција). Критериумите на сигнал се надоградба на критериумите на употреба.
Условеност на пазарниот ефект на туристичкиот производ од двата основни критериуми

Туристичкиот производ може да се набљудува од аспект на туристот како купувач, односно потрошувач или од аспект на давателите на услугата како производители, односно туристичките агенции, угостители или други даватели на услуги кои се вклучени во туристичкиот процес.

Преглед на туристичките процеси од необработени ресурси до експлоатација

Дефинирањето на туристичкиот производ од аспект на туристот – потрошувачот треба да биде во прв план од едноставна причина, бидејќи производите ги креираме во согласност со потребите на туристите, односно пазарот. Креирањето квалитетен и атрактивен производ треба да започне со анализа на пазарните потреби. Потребите, барањата и желбите на туристите се најважниот момент при креирањето на туристичкиот производ и вака организираниот приод при креирањето на производот, ќе даде вистинска смисла на сите економски и неекономски активности кои се составен дел на производот.

„Туристичкиот процес“ во авантуристичкиот туризам (и туризмот воопшто) се состои од седум етапи:

  1. Создавање производ
  2. Вклопување на производот во дестинацијата
  3. Промоција
  4. Пласман и продажба на пазарот
  5. Организирање логистика за прием и испраќање на гостите
  6. Операции и услуги во дестинацијата
  7. Грижа за туристите после заминувањето од дестинацијата (aftercare).

 

Туристичкиот маркетинг треба да биде чесен, реален и да ги исполни и менаџира очекувањата на туристите. Квалитетна промоција не значи нереално прикажување на производот, туку користење ефективни алатки и механизми за пристап до пазарите и клиентите. Ова е една од честите грешки што се прави во дестинациите во развој.

Македонијата е дестинација со недоволно промовирани природни и туристички вредности кои делумно (туристичките) треба да бидат ревалоризирани од вистинска експертска рака и врз основа на тоа да се креира реален, но императивен дестинациски менаџмент што ќе биде ригорозно дизајниран и уште поригорозно спроведен.

Важен дел од „пазарната судбина“ на авантуристичкиот производ е неговата цена. Во овој момент за производите во Македонијата треба да се користи комбиниран модел за формирање на цената на производите: трошоци + маргина во комбинација со стратегија за пазарна пенетрација, водејќи сметка за рентабилноста на производот бидејќи финансиските ресурси во дестинацијата се оскудни и процесот на поврат на инвестицијата се очекува да започне од самиот момент на продажба.

Големите туристички дистрибутери одбираат пазари и производи кои почиваат на економија на волумен, заради попустите што ги носи волуменот. Економијата на волумен НЕ ТРЕБА да биде стратешка определба за развој на туризмот во Македонијата, напротив акцентот треба да се стави на мали оператори за авантуристички туризам кои нудат екслузивни производи. Секако предуслов за ова е создавање производи со ексклузивитет кое што во Македонијата не е невозможна мисија бидејќи има огромен природен и културен потенцијал, а дизајнот и создавањето на уникатни производи не бара огромни инвестиции. Во процесот на креирање уникатни производи знаењето има поголема важност од останатите елементи, што е генерална карактеристика за авантуристичкиот туризам, за кој што може слободно да се каже дека е економска дејност која што почива многу повеќе на знаење и помалку на пари.

Комбинацијата на климатските особености, со огромниот биолошки потенцијал, естетските вредности на просторот и можноста за културна имерзија во животот на локалните заедници (колибарство, производство на сливова ракија, малешевско сирење…) ги исполнува основните предуслови за создавање екслузивни производи.