Guides

Професионалните компетенции – најважната инвестиција во иднината на планинскиот туризам

OUR BLOG

Професионалните компетенции – најважната инвестиција во иднината на планинскиот туризам

Костантин Циривири

Во авантуристичкиот туризам, а особено во планинскиот туризам, квалитетот на туристичкиот производ никогаш не е случајност. Тој не произлегува само од убавината на пределите, атрактивноста на патеките или од богатството на природното и културното наследство на една дестинација, туку пред сè од луѓето кои стојат зад неговото креирање и испорака. Токму затоа, прашањето за професионалните компетенции претставува едно од клучните прашања за иднината на секоја дестинација што сака сериозно да се позиционира на меѓународниот туристички пазар.

Причината е едноставна – професионалните компетенции се предуслов за испорачување безбеден, квалитетен и конкурентен туристички производ. Без нив не постои доверба од клиентите, не постои препознатливост на пазарот, ниту пак можност за долгорочен развој на секторот. Во време кога туристите имаат пристап до огромен број дестинации и можности, единствено високото ниво на професионалност може да обезбеди одржлива конкурентска предност.

Сепак, квалитетот не се создава спонтано. Тој се гради преку јасно дефинирани критериуми, од кои произлегуваат стандарди, а од стандардите се создава систем. Токму системот е најважната гаранција дека една туристичка дејност ќе може да опстојува, да се развива, да ги следи светските трендови и да обезбедува сопствена регенерација преку создавање нови генерации професионалци. Без систем, квалитетот останува прашање на индивидуален ентузијазам; со систем, тој станува препознатлива и одржлива вредност.

Создавањето вистински професионалци подразбира долгорочен процес кој започнува со привлекување на луѓе што имаат искрена пасија кон планината и кон работата со луѓе. Планинскиот туризам е една од најсложените и најодговорни форми на туристичка дејност, а без внатрешна мотивација и љубов кон професијата тешко може да се изгради кариера која ќе опстои низ годините.

Следната фаза е квалитетната стручна обука, која мора да биде базирана на докажани и меѓународно признати стандарди. Доколку сакаме нашите професионалци да бидат способни да одговорат на барањата на современиот туристички пазар и да работат во согласност со најдобрите светски практики, тогаш образовниот процес мора да биде структуриран, сериозен и усогласен со меѓународните професионални рамки.

Но процесот не завршува со добивањето лиценца. Напротив, тогаш започнува третата и можеби најважна фаза – континуираната професионална надградба. Планинскиот туризам е динамична дејност во која постојано се појавуваат нови знаења, методологии, безбедносни протоколи, опрема и очекувања од страна на клиентите. Поради тоа, секој професионалец мора постојано да учи, да се усовршува и да ги обновува своите знаења доколку сака да остане релевантен и подготвен за предизвиците што ги носи професијата.

Кај професионалните водичи во планина ова прашање добива уште поголемо значење, бидејќи водичот претставува централна фигура на планинскиот туристички производ. Тој не е само човекот што ја познава патеката и се грижи за безбедноста на групата, туку личноста која му дава содржина, карактер и смисла на целокупното искуство. Од неговите знаења, вештини, комуникациски способности и личен интегритет зависи дали едно планинско доживување ќе биде запаметено како врвно искуство или како пропуштена можност.

Во суштина, водичот е амбасадор на дестинацијата. Тој е првиот и најдиректниот контакт помеѓу посетителот и планината, помеѓу туристот и локалната култура, помеѓу гостите и вредностите што една заедница сака да ги пренесе. Поради тоа, неговите компетенции имаат директно влијание не само врз задоволството на клиентите, туку и врз имиџот и конкурентноста на целата дестинација.

Токму затоа меѓународните организации за професионално планинско водење, како што се UIMLA и IFMGA, имаат воспоставено строги стандарди за образование, лиценцирање и континуирана професионална надградба на водичите. Овие стандарди не се формалност, туку механизам преку кој се гарантира квалитетот и безбедноста на услугите што се испорачуваат на меѓународниот пазар.

Фактот што Македонија денес е полноправна членка на UIMLA и единствена земја во Западен Балкан каде што се обучуваат и лиценцираат професионални водичи од повеќе земји од регионот и Европската Унија претставува значајно признание, но истовремено и голема одговорност. Како мала планинска земја со исклучително висок природен потенцијал и значително присуство на планински терени во однос на вкупната територија, ние имаме реална можност да изградиме препознатлива позиција на меѓународниот пазар на авантуристички туризам. Но тоа е можно единствено доколку квалитетот остане нашата основна вредност.

Од оваа потреба произлезе и формирањето на Планинска Академија Маврово – центар за образование, наука и истражување кој повеќе од една деценија работи на развој на стандарди за обука на клучните професионални профили во планинскиот туризам, создавање нов наставен кадар и градење визија за иднината на професијата која значително ги надминува рамките на хоби, рекреација или индивидуална страст кон планината.

Нашата визија отсекогаш била поширока. Ние не гледаме на планинското водење само како на професија што овозможува престој во природа, туку како на можност луѓето да бидат воведени во светот на планината на начин што ќе им овозможи подлабоко разбирање на природата, локалните заедници, културното наследство и универзалните вредности што планината ги носи со себе. Во таков пристап, секоја тура станува многу повеќе од туристички производ; таа станува искуство на учење, личен развој и преиспитување на сопствениот однос кон светот.

За да може еден водич да ја исполни оваа сложена и повеќеслојна улога, потребно е врвно владеење со занаетот. А врвното мајсторство не е резултат на случајност, туку на јасно поставени критериуми, високи стандарди и континуирана професионална надградба.

Секако, воспоставувањето и доследното спроведување на високи стандарди не е секогаш најлесниот пат. Таквиот пристап природно поставува високи очекувања и бара сериозна посветеност од сите што сакаат да ја градат својата кариера во оваа област. Но токму во тоа се состои и вредноста на системот – тој создава објективна рамка преку која се препознаваат, поддржуваат и развиваат оние поединци кои се подготвени да инвестираат во своето знаење и професионален развој.

Само луѓето кои искрено ја сакаат својата професија со ентузијазам ја прифаќаат секоја можност за ново учење, за професионална надградба и за постојано поместување на сопствените граници. Развојниот ментален став и подготвеноста за доживотно учење не се само пожелни карактеристики на добриот водич – тие се суштински предуслов за долгорочен професионален успех.

Затоа во Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина и во Планинска Академија Маврово посветуваме особено внимание на квалитетот на обуката, на развојот на професионалните стандарди и на создавањето генерации водичи кои ќе бидат способни не само безбедно да ги водат луѓето низ планините, туку и достојно да ја претставуваат професијата, дестинацијата и вредностите што стојат зад современиот авантуристички туризам.