Guides

Пирати од планините

OUR BLOG

Пирати од планините

Човекот се искачува на планина затоа што мисли дека ја избрал. А всушност, планината веќе го чекала – како прашање што нема потреба да се постави. Савојските Алпи, Суперкулуар, Монт Блан Ду Такул: имиња што звучат како одговор, а се само уште една тишина што го притиска телото одозгора. Сивиот асфалт е долг до Алпи, или првата одредница – Аоста. Монотонијата не ја прекршуваат ни вообичаените утврдени трикови; варење мока на совозачко, лупење моркови, по некое пиво и сиот тој џез. Од друга страна два дена низ автопатското беспаќе значат барем обид за растеретување од набилданиот притисок изминатиот период – професионален и приватен. Едното физички исцрпува, другото ментално ја потиска потребната посветеност на алпинистичката акција. Борбата во себе дали телото е префорсирано помеѓу набиениот план на снимања и тренинзи во планина е во втор план од грижата за семејството и сите последици на купчето постапки и одлуки што треба да се донесат и притискаат, дома, далеку од алпинизмот. Спиењето месеци наназад е кусо и немирно, па досадата во возењето нуди чудна супституција.

Назад во реалноста на оваа акција е тензијата која највеќе доаѓа од временската прогноза. Метеограмот постојано го менува планот за акција, додека ние втренчено се бориме стратегијата да остане непроменета. Мартин личи прилично посмирен и порезигниран во неговата реакција.

Вечер е, 23 часот, ние сме во вреќите за спиење, во комбето. Температурата е околу десетина степни под нула во селото Понт, високо над Аоста, ниско под Гранд Парадизо. Еден од најубавите алпски врвови, цел за аклиматизација. Аклиматизацијата е изговор, изговор да се провери како телото заборава на кислородот што му е потребен. Се оди високо за да се научи телото да работи со помалку кислород, да заборави на удобност. Аклиматизацијата е иронична уверувајќи дека подоцна ќе биде полошо, а сепак се ужива. Суштината не е борбата, суштината е времето поминато горе. Забавата е во борбата со невремето кое прогнозата го најави како кратко, не како аждаја што носи лавини. Забавата е во решавање на тие предизвици, со широки гради, и скијањето надоле. Планината сама ги диктира правилата, а човекот може само да се прилагоди на нив и да се восхитува на просторот за вистинско уживање. Како од разгледница.

Потоа Шамони. Па домот Космик на 3.700 метри. Се чека. Невреме. Секогаш невреме. Бидејќи третпат, во трета акција сме во иста ситуација,  научивме како да се справуваме со неизбежноста на чекањето. Како да го претвориме во аклиматизација, како да се растеретиме од неминовноста и да го смириме поривот за да се излезе. Дури веќе бевме и полезни за домот, во неговото оддржување. Најдовме релаксација во топењето снег за техничка вода, чистење, подредувањена залихи, средување постелнини, товарање на хеликоптерот, гитара и по едно пиво.

Легнување во 20:00 за да се стане во 5 и со тешките ранци да се отскија до подножјето. Повторно, а за првпат на акцијата спиев вознемирено борејќи се со сопствени демони далеку од искачувањето. Како и да е, кога конечно тргнавме кон Суперкулуар од Вале Бланш ја оставивме опремата за кампување доле. Само ранците со потребната опрема за во насока, и скиите тргнавме нагоре. Тоа е тоа, моментот од кој нема назад поради ништо што можеби не сме го предвиделе. Океј, на пола качување од никаде дојде невреме со снег.

Кампот го подигнавме точно пред да се стемни. Доволно време да се стопи снег и зоврие вода за инстант оброк и право во шатор бидејќи надвор е отприлика -25. Термометарот на саатот откажа уште на -14 според Целзиус. Утрото на скии и со ранци од по триесетина кила преку Мер Де Глас до Монвер, па Шамони.

Суперкулуар е звучно име кога станува збор за искачувањата во Савојските Алпи. Уште повеќе бидејќи е желба, стремеж, сон, фрустрација скоро цела деценија. Искачувањето на насока која е тешка и захтевна подразбира многу спортски аспекти кои се тренираат. Меѓутоа, во алпинизмот мериторноста не поаѓа од комплексонста на спортскиот подвиг туку од нешто многу подлабоко. Потребата да се соочиш со себе, во вистинска смисла. Да ѕирнеш во длабокото ќоше на интимата, да откриеш зошто си таму каде што си во тој момент и која е причината зашто го правиш тоа. Но не оние паушалните одговори, „бидејќи е таму“ – туку да ја најдеш смислата.

Секако, нема смисла во езотерии додека се справуваш со сложени движења на карпа и мраз користејќи ги орудијата за ледено качување. Тука предизвикот е во рамки на она што се тренира: справување со објективни ризици во име на уживање. Искачувањето е низ еден „канал“ долг 600 метри, надвиснат преку шлемот и оскуден со опции за поставување на цепините и дерезите. Подеднакво гостопримлив и при поставувањето точки за обезбедување. Особено во шупливиот мраз. Напредувањето е преку одмерени движења, буквално во фрагменти од по неколку сантиметри. Физички е напорно, но само бидејќи умот бара сегмент од качувањето кое е „лесно“, повеќе за ментална оддишка отколу поради напрегнатост во подлактиците. Умот под сиот притисок испраќа сигнали за да се прекине сагата, или, пролонгирањето на неизбежното – доста е! И како и во сите претходни прилики кои го градат искуството, пресудно е помирување со направената одлука – да се качува. Сидриштето е далеку, но само со смирено и одмерено качување може да се стигне до него. Мислите се чистат во ритам на тантрум – полусвесно качување кое сѐ повеќе е сконцентрирано на механичкиот процес. Танц на апсурдот –  потребата да се биде негде и да се прави нешто од кое разумот бега по секоја цена.

Она што во тие моменти придонесува кон рационализирање на ирационалното, или задоволување на потреба да се внесе системско решение е партнерството. Клучно за ова искачување е партнерството и довербата еден во друг. Довербата не се гради само преку километража искачена заедно и време поминато во планина. Неминовно е тоа заедничко искуство за да се разбере техничкото ниво на другиот, и од друга страна, сопственото во тој однос. Качувањето заедно помага во синхронизирање при промена на водство, организирање на сидриште и распределба на опремата. Но вистинското партенрство, поточно да се разбере зошто функционира таа синхронизација се гради „на шанк“. Далеку од вулгаризирање на тој процес на збратимување се работи за другарство пред сѐ. Разбирање на двајцата како единство, наврска, која има исти потреби, исто размислува, исто сака и исто страда. Заедно. И тоа не само и исклучиво во искачување на нова тешка насока на Алпи, нити пак, во фантазија, во првенствена над 7.000мнв. на пример. Туку многу повеќе, во еден долг период кој го гради тоа партнерство и во сите ситници кои се среќаваат. Кога искачувањето ќе престане да биде само твое, кога ќе ги прегази границите на она што е лично и станува заедничко – тогаш останува само едно: доверба. Не онаа учтива, договорена доверба, туку безусловна доверба во која двајцата дишат ист воздух, мислат иста мисла, молчат ист молк. Формалната комуникација умира. Не затоа што е непотребна, туку затоа што нејзиното место го зазема нешто посилно: нечујна поврзаност. Зборовите стануваат вишок, гестовите – спомен. Она што останува е ритам. Единствено качување што се дели на двајца. Секое движење на другиот го следиш како сопствен пулс. Не затоа што мораш – туку затоа што сакаш. Секој атом енергија што би одлетал залудно во етер, секој здив потрошен на страв или сомнеж е луксуз што планината не го простува. Затоа станувате еден. Без метафора. Без романтика. Еден организам со две тела, две глави, две срца што чукаат како едно. Тоа не е пријателство. Не е љубов. Ниту пак може да се објасни со зборови. Тоа е нужност. Двајца поврзани со јаже и со тишина, кои постојат само затоа што постои оној до нив. А сè друго е само планина.

Синхронизираноста не се договара. Таа се живее толку длабоко што престанува да биде свесен избор. Меѓусебното познавање, довербата, достигнува ниво каде што одлуките не се носат, туку се случуваат. Едниот реагира, работи, решава додека другиот веќе прави нешто сосема друго. И никој не прашува. Никој не чека потврда. Нема „дали е во ред“, нема „сега јас“. Има само непречена струја на орудије врз карпа, јаже низ алатка,  на мисли што не мора да се изговорат. Се манифестира насекаде. Во самото качување – каде што едниот поставува точка за обезбедување, а другиот веќе знае дека тоа е моментот за да се затегне јажето. Во готвењето, во делењето храна и течност, во подигањето на кампот – секој го прави својот дел како да е единствениот, а всушност двајцата работат истата задача. Тоа не е вештина. Не е техника. Тоа е навика создадена од планината, истесана од студот, врежана од напорот, перфекционирана со ладно пиво и ракија. Планината нѐ учи да зборуваме помалку. Меѓутоа, со време, учиме и дека најголемата сигурност не е во јажето – туку во телото до тебе што дише ист ритам, без да праша зошто.

Тргнувајќи од решителноста да се качи оваа насока сега, во тие услови, потврдува зрелост и подготвеност да се влезе во реални алпинистички проблеми. Суперкулуар беше потајна, иако на хартија, примарна цел и во претходните наврати, но секојпат бевме спречени од објективни препреки. Генерално тие се логистички и недостатокот може да се префрли на сопствениот приод кон искачување во Алпи, над 3.500 метри. Делумно соочувајќи се со предизвиците на аклиматизација и што тоа точно значи да се качува на сопствениот максимум на таа висина. Неискуството во тоа адаптирање во голема мера придонсеува да се развие и страв од непознатото. Сега веќе, после трипати сѐ е појасно. Големо прашање беше пристапот кон тој проблем и демистификацијата – од оваа перспектива сигурно нема краток пат освен да се изложиш себеси на тоа искуство. Не се работи за тоа колку е комплексен самиот процес и колку имаме знаење за како да се совлада тоа. Во тој контекст и сите останати логистички проблеми, од организирање на патувањето, сместување, купување намирници, опрема итн., се работи за дефинирање на себе во тој систем. За среќа нашата референтана оска е пиратска – све што имаме да понудиме е во нас, смелост, знаење, тренинг и потреба за авантура. Немаме разводнет рум, но имаме други „опијати“ кои додаваат на луцидност.

Неминовно е дека Суперкулуар е логичен исход на досегашната алпинистичка активност, но остава и простор не само за мечтаење, туку и за планирање на посериозни искачувања. Трилогијата. Матурирање на македонскиот алпинизам. Ако до сега нешто сфативме од досегашните излегувања во Алпите, тоа е дека имаме капацитет да се носиме со модерниот алпинизам. Чекор по чекор се совладуваат сите непознати за нас фактори во вистинскиот алпинизам. Тоа е менталниот склоп, матрица која треба да се наштелува адекватно на предизвиците. И да се работи. Многу да се работи дома. За сега следиме добар ритам во домашната работа, нешто од кое сум бегал цел живот (иронично во секоја смисла, како некои работи сами се поставуваат).

Потребата да се соочиме со значајна транзциција во нашиот алпинизам подразбира размерно димензионирање на качувањето во целиот тренажен процес. Да се „пронајдат“ Алпските проблеми во домашните планини. Најлесно се тренира телото, многу потешко умот кој треба да го качи телото во планината низ насоката. Вистинското учење бара искреност и ранливост. Иако може да се меморира теорија или формули без да се открие своето вистинско „јас“, вистинското разбирање и раст бараат изложување на своето најдлабоко „јас“. Промената е невозможна без ова. Ова искачување само по себе е само манифестација на целокупниот алпинизам низ изминатите години, уште од самиот почеток, во зародишот на неговиот стремеж. Растењето, напредокот е во согледување на сопствениот идентитет, на себеси во моментот наспроти проекцијата за себе, таму каде што сакаш да стигнеш. Прашањето е како да не се помеша вртоглавицата на душата со тишината на вселената. Доследноста кон вистинските алпинистички вредности ја осеверуваат мапата на нашиот алпинизам, во секоја смисла на зборот. Ова искачување, конечно, е значајно за да го обележи изминатото вложување во македонскиот алпинизам и неговата институционалност, а воедно и да подучи, да го опримери до сега наученото – за следните подвизи.

 

Илија Циривири