ПИШУВА: КОНСТАНТИН ЦИРИВИРИ
За туризмот во светот
Туризмот на глобално ниво е четвртата по големина индустриска гранка во која според Светскиот совет за патување и туризам (World Travel & Tourism Council -WTTC) во 2025 година се ангажирани 371 милион работни места, што е за 14 милиони повеќе во споредба со 2024 година, кога во секторот биле ангажирани 357 милиони работни места, што изнесува околу 8,2 до 10% од вкупниот број на работни места во светот. Туризмот, според истиот извор, придонесува кон светскиот GDP (бруто национален доход) со 10,3%. Просечната годишна стапка на економски раст во туризмот, во изминатите декади пред Ковид пандемијата изнесуваше 4%, а според истиот извор, во 2025 година изнесува 5%.
Планинскиот туризам во светот во 2025 година опфаќа 9 до 16% од сите меѓународни патувања со 195 до 375 милиони туристи (UNWTO; FAO) или 20% од вкупниот број на патувања, и е вториот по големина сектор во туристичката индустрија, после приморскиот туризам, меѓутоа за разлика од него, просечната годишна стапка на економскиот раст (compound annual growth rate – CAGR) во планинскиот туризам се движи помеѓу 6% и 7%, иако во некои делови од светот и во одредени форми на така наречен hard adventure планински туризам, стапката на раст изнесува и до 70%.
Планинскиот туризам
Планинскиот рекреативен туризам опфаќа, рекреативни туристички активности во планински региони при што рекреацијата не претставува единствена форма на туристичка содржина и активност, туку истата се комбинира со други видови и содржини од туристичката понуда, формирајќи различни типови на туристички производи.
Планинскиот туризам досега се покажал како најсигурен начин за економски раст на планинските региони. Тоа што е многу важно е фактот дека овој раст на економијата во планинските региони е на одржлив начин – без уништување на природните вредности и со почитување на локалните заедници како главни носители на развојот.
За значењето на планинскиот туризам за развојот на економијата и стандардот на живот на населението, може да се земат примери од некои земји во светот каде што планинскиот туризам започнал да се развива пред речиси триста години, како што се Швајцарија, Франција, Доломитите во Италија, Австрија… денес сите тие се развиени земји со висок стандард на живеење на населението во планинските области. Но, за пример може да се земат и други “многу помлади“ дестинации како Непал, Перу, Киргистан, Казахстан, каде што планинскиот туризам претставува значаен економски сектор во земјата со директно позитивно влијание не само врз националната економија, туку и врз целокупниот општествен живот.
Планинскиот туризам во Македонија
Македонија е планинска земја каде што речиси 75% од вкупната територија отпаѓа на планински терен, со погодна клима и голем број сончеви денови и исклучително богатство на води и природен свет. Македонија на светскиот туристички пазар е “неоткриена дестинација“ и како таква е посебно интересна за посета, а според природните атракции и културно историското наследство, како и раскошната гастрономија која почива на локална и речиси целосно здрава храна, нашата земја може да понуди туристички производи од највисок квалитет.
Квалитетот на туристичките производи е најважниот предуслов за нивна ефикасна продажба на пазарот, а тоа пак е основен предуслов, преку развој на туристичките процеси, да се постигне повисока цена и поголема заработувачка.
Вреди ли да се инвестира во планинскиот туризам во Македонија -
Планинскиот туризам и руралниот развој во Македонија
Активниот туризам е најдобрата можност за економски развој во Македонија, а за планинските региони со исклучително богати природни ресурси како што се националните паркови, заштитените подрачја во планинските региони, тоа е најсигурниот начин за обезбедување долгорочен економски развој. Потребните вложувања во планинскиот туризам споредени со другите стопански дејности се многу помали, периодот на поврат на инвестицијата е пократок, а одржливоста е лесно спроведлива. Доколку се земат во предвид состојбите во активниот туризам во соседните земји (Бугарија, Грција, Албанија, Косово, Црна Гора) сосема е извесно дека Македонија за релативно кратко време може да постигне висок број на туристички посети и ноќевања со повисока просечна цена на туристичките производи, а со тоа и значителни приходи во националната и локалните економии, што само по себе преставува така наречен „невидлив извоз“.
Меѓутоа постоењето на природните и културните вредности само по себе не е доволно за да се создаде планински туризам. Туристите ги посетуваат дестинациите каде што постои складна поврзаност помеѓу природните атракции и инфраструктурата неопходна за развој на туризмот. Зачуваните природни вредности, богатата културна традиција или вкусната храна, добиваат вистинска вредност и привлечност за туристите само доколку се дел од целосен – комплетен туристички производ, односно комплетна понуда која на туристите ќе им овозможи рекреација, одмор, забава и нови доживувања. За да се создаде туризам неопходни се знаење и вложувања.
Првиот чекор кон економскиот развој е верба во идејата, а вториот е проактивност. Поединец или заедница кои знаат што сакаат и кои се подготвени за “акција“ секогаш успеваат. Професијата водич во планина и развојот на планинскиот туризам
Овде сметам за важно да напоменам дека таканаречените волонтерски планински лидери кои се обучуваат според тренинг стандардите на меѓународната унија за планинарски спортови (UIAA) не се професионални водичи кои можат да даваат комерцијални водички услуги во планинскиот туризам.
Непрепознавање на разликата помеѓу професионалните и непрофесионалните водичи може да има погубни последици за туристичкиот сектор, не само на национално, туку и на глобално ниво, а манипулативните постапки за нереално прикажување на професионалните компетенции на национално ниво треба да бидат третирани како многу сериозна закана за дестинацискиот развој за земјите кои се „борат за место“ на меѓународниот пазар за авантуристички туризам. Патем, не случајно платформите за посредување во авантуристичкиот туризам како професионалци ги препознаваат само UIMLA и IFMGA планинските водичи.
Се надевам дека во Македонија има доволно разум да не си дозволиме ваков луксуз и поигрување со почитување на со децении докажаните светски стандарди.
Искуствата од земјите со развиен планински туризам како Австрија, Швајцарија, Франција, покажаа дека водичите имаат исклучително важна улога за развојот на планинските туристички дестинации придонесувајќи преку креирањена нови туристички производи, вклученост во инсталирање нови туристички содржини и креирање стратегии за развој.
Искуствата од нашата земја, покажуваат дека водичите во планина кои се обучени според професионалниот UIMLA стандард, играат важна улога во развојот на планинскиот туризам на НП Шар Планина, во НП Маврово, во Охрид и НП Галичица, во НП Пелистер и други места. Има доста водичи кои во изминативе десетина години отворија свои туристички агенции, локални канцеларии за водење туристи во планина, менаџираат со свои објекти за сместување или формираа професионални спасителни служби. Денес сите се сериозни партнери на локалните самоуправи при изработка и спроведување на програми за развој на планинскиот туризам.
Во современиот свет на планинскиот туристички бизнис UIMLA стандардот претставува задолжителен критериум за да се обезбеди квалитетен туристички процес, што е сосема логично бидејќи водичот е тој кој што управува со најделикатниот дел од туристичкиот процес – турата на планина, главната причина заради која што доаѓаат туристите во некоја дестинација.
Воедно оваа професија обезбедува сериозен економски бенефит каде што просечната заработка е неколкукратно повисока од заработката во другите дејности. За млад човек од планински регион со висок туристички потенцијал, ова е секако професија на иднината, а за возрасните одлична можност за дополнителни приходи и интеракција со луѓе од целиот свет. Патеките за планински туризам како туристичка содржина во просторот
