Guides

ЗИМСКО ПЛАНИНАРЕЊЕ И БЕЗБЕДНОСТ: ЗОШТО ЗНАЕЊЕТО Е НАЈВАЖНАТА ОПРЕМА НА ПЛАНИНА

OUR BLOG
Зимата на планина не е непријател. Таа е само поинаков, поинтензивен израз на истите природни закони што важат и во лето – со поизразени процеси и значително помал простор за грешки. Планините сами по себе не се опасни. Во нив се одвиваат природни процеси кои постојат независно од човекот. Опасноста за човекот се појавува тогаш кога тој не ги познава планинските закономерности, кога ќе се најде на погрешно место, во погрешно време, и кога ќе преземе постапки што се во спротивност со феноменологијата на планината. Зимските услови – снег, ветер, ниски температури, лавини и ограничена видливост – не создаваат „нова“ планина. Тие само ја прават видлива разликата помеѓу знаење и незнаење, помеѓу системска компетенција и субјективно чувство на сигурност.
Знаењето во зимската планина не е чувство – туку објективна компетенција
Во планинарската и алпинистичката заедница често се мешаат поимите искуство, самодоверба и знаење. Знаењето не е субјективно доживување, ниту лична проценка на сопствените способности, гледана низ призмата на потребата да се докажеме пред заедницата или јавноста. Знаењето е објективна вредност – мерливо, проверливо и применливо во различни услови. На планина во зимски услови, одлуките донесени врз основа на:
  • „досега секогаш поминувало“
  • „имам многу години искуство“
  • „се чувствувам сигурно“
без тоа да биде поткрепено со системско знаење, значително го зголемуваат ризикот. Планината не прави разлика меѓу самоуверен и компетентен човек – таа реагира само на конкретните постапки.
Искуство без знаење = погрешно искуство
Знаењето за безбедно зимско планинарење се стекнува преку систематско учење и контролирано искуство, поставени врз јасно дефинирана едукативна рамка. Искуство кое почива врз незнаење е лошо, односно погрешно искуство. Тоа често создава неоснована самодоверба – еден од главните причинители за несреќи на планина, особено во зимски услови. Во зима, една погрешна проценка на терен, едно неразбирање на структурата на снежната покривка или едно доцнење во донесување одлука може да има сериозни последици. Затоа зимските тури не смеат да се темелат на импровизација, туку на дисциплинирана примена на знаење, методологија и постојана проценка на ризикот.
Кој има одговорност да пренесува квалитетно планинарско знаење?
Пренесувањето на квалитетно знаење не е импровизирана улога. Тоа можат да го прават само добро обучени и високо искусни професионалци, кои имаат свест за значењето на точната информација, но и за опасноста од погрешното знаење. Репутацијата на „искусен инструктор“ не смее да се темели на личен наратив или локална препознатливост, туку на објективно признаен систем за обука.
Токму затоа меѓународно признатите стандарди, како што е UIMLA, имаат клучна улога во зголемувањето на безбедноста во планината. Овој систем не дефинира само што треба да се знае, туку и како тоа знаење се пренесува – преку строги критериуми за:
  • технички и планинарски компетенции
  • педагошки вештини
  • одговорност кон клиентите и кандидатите што се обучуваат
Професионалниот планински лидер не е „водач што оди прв“, туку носител на одговорност, аналитичар на условите и гарант дека одлуките се темелат на знаење, а не на его.
Каде навистина лежи опасноста во зимското планинарење?
Пред да ги дефинираме планините како опасни, потребно е да ја препознаеме вистинската опасност: лошо поставените системи за едукација, некомпетентните квази-едукатори и самонаречените „експерти“ кои без одговорност влијаат врз однесувањето на другите на планина во зимски услови.

Подигнувањето на јавната свест за значењето на системски имплементираното знаење не е прашање на елитизам – туку на безбедност и одговорност.

Зимската планина ќе продолжи да постои според своите закони. Наш избор е дали ќе ѝ пристапиме со почит, знаење и компетенција – или со илузија на сигурност.

Во Mountain Experience / guides.mk веруваме дека знаењето не е ограничување, туку слобода. Особено во зима.