Судирот на две реалности
Денес, македонскиот туризам живее во длабока внатрешна спротивност. Од една страна, постои генерација на креатори на туристички производи што размислуваат глобално, работат според меѓународни стандарди и создаваат автентични, високо-специјализирани искуства со додадена вредност. Од друга страна, постои институционален рефлекс што сè уште функционира според логиката на минати системи — логика на контрола, униформност и страв од иновација.
Во таа спротивност, најголемата штета ја трпи државата, и тоа не како апстракција, туку како реална и многу сериозна загуба во систем што треба да обезбеди благосостојба за своите граѓани. Но ја трпат и конкретните луѓе: оние што инвестирале знаење, време, кредибилитет и личен интегритет за да создадат нешто ново. Наместо поддршка, тие често се соочуваат со административни бариери, некоректни условувања и рамки што не го препознаваат авторството, иновацијата и пазарната логика.
Знаењето како клучна инфраструктура
Клучниот проблем не е во недостигот на ресурси, туку во недостигот на знаење — особено кај оние што имаат моќ да одлучуваат. Туризмот денес не е продолжена рака на социјалната политика, ниту средство за вештачко „пополнување капацитети“. Тој е комплексна индустрија, базирана на искуства, диференцијација, безбедност, доверба и репутација.
Знаењето во туризмот мора да биде меѓународно проверливо и споредливо. Само такво знаење може да биде критериум за одлуки, а не лични убедувања, идеолошки матрици или носталгија по системи што одамна не постојат. Сè додека одлуките се носат врз основа на анахрони поими за „ред“, „контрола“ и „заштита“, наместо врз анализа на ризик, бенефит и јавен интерес, развојот ќе биде закочен.
Малата земја нема луксуз за погрешни избори
Македонија нема капацитет за масовен туризам, ниту треба да се обидува да го копира. Нашата шанса е во авантуристичкиот, планинскиот и руралниот туризам — сегменти со висока додадена вредност, релативно мали инфраструктурни барања и силна врска со локалната економија. Тоа се форми на туризам што привлекуваат информирани гости, подготвени да платат за квалитет, безбедност и автентичност.
Но таа шанса постои само ако им се овозможи простор на оние што создаваат. Ако иновацијата се казнува, а копирањето се толерира, ако авторството не се почитува, а знаењето се релативизира, и ако „одржливоста“ се користи како изговор за блокада, наместо како рамка за паметно управување, ШАНСАТА НИКОГАШ НЕМА ДА БИДЕ ИСКОРИСТЕНА.
Прашањето не е дали имаме туризам — туку каков
Ако продолжиме да го врзуваме туризмот со бескрајни сопки, стравови и лажни дилеми, ќе продолжиме да уживаме само во убави промотивни видеа од други дестинации. Нашите планини ќе останат сцена без актери, а можностите — тема за конференции, не за реалност.
Туризмот не се развива со забрани, туку со визија. Не со уништување на иницијативата, туку со нејзино насочување. И не со страв од новото, туку со храброст да се препознае времето во кое живееме.
Прашањето е едноставно: дали сакаме туризмот да ни биде украс во говорите — или вистински економски и општествен двигател? Одговорот, за жал или за среќа, не е во планините. Тој е во луѓето што одлучуваат за нив.
Костантин Циривири