Guides

Тажната реалност на туризмот во заштитените подрачја

OUR BLOG

Текстов е обид за трезвена, но неминовно остра рефлексија за непродуктивните случувања околу туризмот во заштитените подрачја во Македонија. Поводите се повеќе од јасни: неодамнешните настани во Националниот парк Шар Планина поврзани со инцидентот околу ратраците на Попова Шапка, како и лавиринтот во кој спротивно од својата воља е внесено управувачкото тело на Националниот парк Маврово, со веќе маратонските неприлики што ги имаат заради несоодветно изработениот предлог план за управување. Но, суштината е подлабока и далеку поструктурална од било кој поединечен настан.

Светските трендови: иднината веќе се случува (без нас)

Анализите на водечките меѓународни тела за туризам, како UNWTO и WTTC, недвосмислено укажуваат на еден доминантен правец: глобалниот туризам се движи кон активен, авантуристички и природно базиран туризам. Овие форми не се маргинални ниши, туку мејнстрим сегменти со највисоки стапки на раст, најдолг престој и најголема додадена вредност по посетител.

Просторот каде што овие туристички текови природно гравитираат се – заштитените подрачја. Националните паркови, биосферните резервати и другите категории на заштита не смеат да бидат пречка за развој на туризмот, туку токму спротивното: тие се највредниот капитал на современите туристички дестинации.

Развиени дестинации: туризмот како сојузник на природата

Во добро управуваните светски дестинации, туризмот во заштитени подрачја постои со векови. Денес, речиси никаде тој не се развива на штета на животната средина, локалното население или националната економија. Напротив – овие дестинации се глобални лидери во планинскиот и природно базираниот туризам со бројни и диверзифицирани активности и сериозна туристичка посетеност. Кај нив не постои дилема, уште помалку сатанизација на туризмот како главен двигател на економскиот развој, но исто така не постои ниту апотеизација на профитот и брзата заработка.

Нивната конкурентност не произлегува само од атрактивниот пејзаж, туку од интелигентно дизајнирани туристички производи, иновативни активности, јасни правила и стабилни партнерства меѓу управувачите, локалните заедници и претприемачите. Резултатот е симбиоза: заштитена природа, економска виталност и социјална кохезија.

Регионот оди напред – Македонија стагнира

Во нашето непосредно соседство – Косово, Бугарија, Албанија, Босна и Херцеговина и Србија – најголемиот дел од природно базираниот туризам се одвива во планински и рурални, често заштитени подрачја. Регионалните анализи на туристичките текови покажуваат јасен образец: авантуристичкиот туризам таму расте со значително повисоки стапки од масовниот туризам.

Без да навлегуваме во сувопарни проценти, трендот е јасен и конзистентен:

  • побрз раст на малите, специјализирани оператори,
  • зголемување на бројот на интернационални гости со повисока платежна моќ,
  • посилна интеграција на локалните заедници во туристичката економија.

И – за жал – овој раст е повисок и подинамичен од оној што го бележи Македонија во природно базираниот туризам.

Каде сме ние?

Ако треба да се даде искрен, едноставен одговор: македонскиот природно базиран туризам живее реалност која е најмалку еден век зад глобалните текови и неколку децении зад регионалните трендови.

Ова не е навреда, туку дијагноза.

Зошто е тоа така?

Пред сè, затоа што визијата за иднината на заштитените подрачја – со чесни исклучоци, многу ретко го препознава туризмот како развоен столб. Наместо тоа, се лута меѓу две крајности:

  • експлоатација на дрвна маса како единствен „сигурен“ приход, и
  • претворање на парковите во затворени „истражувачки лаборатории“ со ексклузивитет за мал број организации.

Притоа, организациите за заштита и унапредување на животната средина често имаат поголемо влијание врз политиките од научните институции, без сериозни социоекономски анализи, без cost–benefit пристап и без долгорочни стратегии базирани на релевантни податоци. Во таквата логика, единственото што се смета за навистина важно е „да течат проекти“, при што заштитените подрачја се редуцираат на доходовен полигон со ограничена и ексклузивна достапност, наместо да се третираат како јавен ресурс со јасна развојна визија и општествена одговорност.

А да потсетиме: животната средина не е апстрактен концепт. Таа е простор каде што коегзистираат луѓето, животните, растенијата и геоморфолошките процеси. Ако ги погледнеме демографските трендови во високопланинските рурални подрачја, станува јасно дека човекот таму е веќе критично загрозен „вид“.

Каде оди иднината на заштитените подрачја?

Дали тие ќе станат сцена за проекти со наслови подолги од нивните резултати, или ќе се појави визија што ќе ги третира како живи системи – со знаење, храброст и подготвеност за одговорност?

Прашањето не е дали ќе има ред.
Ред мора да има.

Но редот не се гради со забрани, закани и казни, туку со методолошки анализи, стручен дијалог и вклучување на сите засегнати страни.

Трите столба на туризмот во заштитените подрачја

За да може во еден дестинациски простор да се развиваат и одржливо да функционираат туристичките процеси, неопходна е јасно дефинирана и функционална синергија меѓу трите клучни столба врз кои мора да почива туризмот. Тие се:

  1. Придвижувачи – претприемачите
    Без нив нема туристички, а со тоа ниту економски развој. Тие го хранат примарниот, секундарниот и индуцираниот сектор.
  2. Носители – локалните заедници
    Без луѓе нема туризам. Со постоечките демографски трендови кај нас, тоа не е далечна закана, туку блиска реалност.
  3. Овозможувачи – управувачите и локалната самоуправа
    Нивната примарна улога не е да санкционираат, туку да поучуваат, насочуваат и овозможуваат. Националните паркови се национални – не се приватна сопственост.

Систем изграден без дијалог создава ригидна, но порозна структура: строг камшик за малите и удобен пиедестал за големите прекршители. Одржливоста на таков систем трае – до првата анархија.

Одговорност и кај претприемачите

Ниту претприемачите не се амнестирани. Фетишот на приходот е опасна замка. Деловните амбиции не смеат да бидат над интересот на заштитеното подрачје и локалната заедница. Во светот постојат илјадници докажани добри практики со успешни и одржливи деловни активности во заштитените подрачја – наше е да учиме, а не да се канибализираме во сопствената дестинација.

 

Попова Шапка: симптом, не исклучок

Еден од поводите за овој текст, како што напоменав претходно е немилиот настан на Попова Шапка и целата драматична сцена што се одвивала пред премиум странски гости, најпосакуваниот сегмент за секоја планинска дестинација. Штетата е огромна, бруката невидена, останува надежта – дека тоа ќе биде последен ваков пример.

Недозволиво е институционалните механизми за воспоставување ред и за обезбедување почитување на правилата на однесување во заштитените подрачја да се супституираат со вонинституционални мерки, ад-хок постапки и импровизации. Таквиот пристап не е проблематичен само поради сликата што се испраќа пред гостите – слика на конфузна, нестабилна и недоразвиена дестинација – туку, уште повеќе, поради ерозијата на самата идеја за институционално дејствување. Воспоставувањето навики, доверба и култура на институционална одговорност е предуслов за секој одржлив управувачки систем; без тоа, секое правило се сведува на моментален чин на сила, а не на прифатен и разбирлив општествен договор. Во таа смисла, токму институционалната доследност е темелот врз кој се гради и редот, и легитимитетот, и долгорочната стабилност на дестинацијата.

Заклучок: природата не преговара

Флоскулите за заштита на животната средина стануваат трагикомични кога живееме во едни од најзагадените градови во светот. Туризмот во заштитените подрачја, ако е правилно разбран, е училиште за универзалните закони на природата – независни од политика, идеологија, религија и профит.

Природата е дар што не можеме да го уништиме – можеме само да се уништиме себеси ако не ги почитуваме нејзините закони. Или, како што потсетува Гордон Нојфелд:

„ПРЕД ДА СТАНЕМЕ ТВОРЦИ НА СВОЕТО ОПКРУЖУВАЊЕ, НИЕ СМЕ НЕГОВИ ТВОРБИ.“

Ова важи за сите – граѓани, функционери и претприемачи. Без исклучок.

 

Костантин Циривири