Во време кога планинскиот туризам се профилира како еден од најдинамичните и најбрзо растечки сегменти во рамки на глобалната туристичка индустрија, прашањето за квалитетот и професионалноста повеќе не е избор – туку предуслов за опстанок и развој.
Може ли една дестинација да биде конкурентна без соодветни знаења, стандарди и системски пристап кон развојот на човечкиот капитал? Краткиот одговор е: НЕ.
Компетенцијата како темел, не како декларација
Во ниту една професија не е возможен одржлив деловен успех без вистински компетенции. Но, за да зборуваме за нив, неопходно е да го разбереме значењето на компетенциите – вештините.
Како што вели Питер Ф. Дракер:
„Во денешното општество и во организациите, луѓето се повеќе работат со помош на знаење, а не со вештина. Знаењето и вештината се разликуваат според една фундаметална карактеристика – вештините се менуваат мошне, мошне бавно. Знаењето самото себеси се прави застарено, а притоа мошне рапидно. Работниците што поседуваат знаење стануваат застарени ако не се враќаат во училиште на секои три или четири години.“
Оваа мисла на еден од најголемите интелектуалци во теоријата на современиот менаџмент е особено релевантна за планинскиот туризам – сектор кој се менува побрзо од кога било.
Компетенцијата не е само практична умешност. Таа е сложен спој од:
- експертско познавање на планината и активноста
- разбирање на туризмот како услужен и економски процес
- поседување комуникациски и организациски вештини
- способност за управување со ризици и луѓе
Без овој интегриран пристап, не постои вистински професионализам.
Професионалец или перцепција за професионалец?
Еден од најголемите предизвици денес е инфлацијата на „професионалци“.
Во услови кога видливоста на социјалните мрежи лесно се меша со експертиза, се создава опасна зона во која:
- самопрогласената компетентност се третира како релевантна
- одлуки со сериозни последици ги носат лица без соодветна стручна подготовка и компетентност
- се нарушува квалитетот на производот и имиџот на дестинацијата
Професионалноста не е реторичка категорија. Таа мора да биде проверлива.
Во отсуство на домашни стандарди, меѓународните рамки и практики се достапни повеќе од кога било и тие треба да се искористат. Прашањето не е дали има референтни точки – туку дали постои волја тие да се применат.
Динамика на индустријата наметнува динамика на знаењето
Планинскиот туризам денес не е ист како пред десет или петнаесет години.
Со развојот на пазарот се појавија и нови професии:
- менаџери на планински сместувачки капацитети
- оператори на рурални туристички домаќинства
- интерпретатори на природа, биодиверзитет и културно наследство
- специјализирани водичи за различни активности
Овие улоги не можат да се водат интуитивно, туку е неопходно соодветно создавање – развивање на овие кадри преку формалното и неформалното образование, за коишто е неопходно да постои јасна перцепција за реалните потреби, сега и во иднина.
За земја како Македонија, со исклучителен планински потенцијал, игнорирањето на знаењето не е ризик – туку стратешка грешка. Брзо делување од страна на институциите кои се занимаваат со образование на стручни лица во авантуристичкиот туризам и туризмот воопшто, се наметнува како неопходност.
Ценовна замка и губење на вредност
Доколку туристичкиот производ се базира на импровизација, неизбежно се влегува во т.н. „ценовна замка“ – процес на постепено обезвреднување на понудата. Во таков контекст, квалитетот станува неконзистентен, искуството варира од тура до тура, а довербата кај клиентите се губи.
Обезвреднувањето води кон:
- пад на квалитетот
- пад на цената
- губење на пазарната препознатливост
- стагнација или исчезнување на дестинацијата
За жал, кога нема јасни стандарди, нема ни јасна вредност – а кога нема вредност, единствениот инструмент што останува на пазарот е цената.
Тогаш започнува спирала во која операторите се натпреваруваат кој ќе понуди пониска цена, наместо кој ќе понуди подобро искуство. Краткорочно, ова може да создаде впечаток на поголема побарувачка, но долгорочно води кон намалување на приходите, компромис со квалитетот и губење на сериозните, платежно способни клиенти.
За дестинација како Македонија, која има реален потенцијал да се позиционира како high-value, niche пазар за авантуристички туризам, влегувањето во ценовна конкуренција е погрешна стратегија. Наместо да го зголемуваме квалитетот и вредноста, ризикуваме да се позиционираме како „евтина“ дестинација – позиција од која е многу тешко да се излезе.
Излезот од оваа замка не е во дополнително намалување на цените, туку во јасно дефинирање и конзистентно испорачување на квалитет.
Краткорочна добивка vs. долгорочна вредност
Репутацијата на една дестинација не се гради со брзи решенија.
Секој обид да се „продаде нешто по било која цена“ создава илузија на успех:
- бројките растат краткорочно
- ликвидноста се подобрува привремено
Но долгорочно:
- се губи довербата
- се деградира брендот
- се намалува вредноста на производот
Дополнително, канибалистичкиот однос кон конкуренцијата – наместо градење на заеднички стандарди – ја ослабува целата дестинација.
Формулите што функционираат во локален контекст не се нужно валидни на меѓународниот пазар.
Квалитетот е единствената одржлива валута.
Култура на вредности или култура на сомнеж?
Еден од потивките, но сериозни проблеми е општествениот контекст.
Кога:
- оние што создаваат вредност треба да се оправдуваат за тоа што го работат
- критиката без одговорност станува доминантна и прифатен модел на „општествено делување“
- експертизата се релативизира, а главен критериум е докажаност на социјалните мрежи
тогаш не може да се очекува ниту квалитетен производ, ниту конкурентна дестинација.
Развојот на туризмот не е само економско прашање. Тоа е прашање на вредносен систем.
Каде е решението?
Решението не е едноставно, но е јасно.
Тоа лежи во:
- системска и континуирана едукација
- градење и почитување на професионални стандарди
- вложување во знаење, не само во инфраструктура или промоција
- развивање култура на квалитет и одговорност
И најважно – во способноста да се разберат и предвидат промените.
Новото време носи различни исходи:
- за подготвените – можности
- за неподготвените – ограничувања
Прашањето не е дали Македонија има потенцијал за планински туризам.
Прашањето е дали ќе избере да го развива професионално.