Guides

ПЛАНИНСКИОТ ТУРИЗАМ КАКО ГЛОБАЛЕН ПРОЦЕС ЗА ОДРЖЛИВ РУРАЛЕН РАЗВОЈ

Туризмот на глобално ниво е четвртата по големина индустриска гранка во која според Светскиот совет за патување и туризам (World Travel & Tourism Council -WTTC) во 2025 година се ангажирани 371 милион работни места, што е за 14 милиони повеќе во споредба со 2024 година кога во секторот биле ангажирани 357 милиони работни места, што изнесува околу 8,2 до 10% од вкупниот број на работни места во светот. Туризмот, според истиот извор, придонесува кон светскиот GDP (бруто национален доход) со 10,3%. Просечната годишна стапка на економски раст во туризмот, во изминатите декади пред Ковид пандемијата изнесуваше 4%, а според истиот извор, во 2025 година изнесува 5%.

ПЛАНИНСКИ ТУРИЗАМ И НЕГОВАТА УСЛОВЕНОСТ ОД ПОСТОЕЊЕ НА СООДВЕТНИ РЕЦЕПТИВНИ ФАКТОРИ ВО ДЕСТИНАЦИСКИОТ ПРОСТОР

Според податоците на Светската туристичка организација – UNWTO (United Nations World Touristic Organisation) повеќе од 51% од вкупниот промет во туристичката индустрија се остварува во делот на рекреативниот туризам. Најпосакувани туристички дестинации на светскиот пазар се земји и региони кои претходно не биле туристички афирмирани и каде што постои одличен спој помеѓу природните вредности, културните вредности, гастрономијата и останатите форми на туристичка понуда, атрактивна за современиот европски и светски турист. Многу важен момент е еколошката интактност на регионите, особено постоењето на услови за развивање на “еко” и “био” туризам.